И на денешното рочиште, според најавите, треба да сведочат лица што биле во „Пулс“ критичната ноќ на 16 март 2025 година
Со искази на нови пет сведоци на Обвинителството денеска во судницата во Идризово треба да продолжи судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. И на денешното рочиште, според најавите, треба да сведочат лица што биле во „Пулс“ критичната ноќ на 16 март 2025 година.

Ова е второ рочиште од почетокот на годината, а судскиот процес е во доказна постапка. На претходното рочиште на 26 јануари искази дадоа четворица сведоци кои критичната ноќ на 16 март лани биле гости во т.н. кабаре. Фокусот на Обвинителството, односно прашањата кои ги поставуваа на сведоците, беа во врска со внатрешноста на објектот и она што тие го забележале во однос на мерките за безбедност. Без исклучок, сите четворица рекоа дека во „Пулс“ критичната вечер, како и претходно, имало малолетници.
Сведоците кажаа дека во објектот како гости не забележале противпожарни апарати, а дел од нив потврдија дека зад шанкот имало уште една врата, но оти таа не била отворена откако избувнал пожарот. Единствениот излез бил преку главниот влез, каде луѓето паѓале еден врз друг по стампедото што настанало додека гостите во паника бегале во обид да се спасат.
Според исказот на сведоците, кратко време пред да избувне огнот од пиротехниката што ја користела групата ДНК, во објектот влегла полиција за да врши контрола. Но, забавата не била прекината, ниту некој реагирал да спречи активирање на пиротехниката, која, според Обвинителството, била користена без одобрение од надлежните. Шоуа со запаливи материјали, како што рекоа сведоците, се изведувале и на претходни забави организирани во т.н. кабаре.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во петокот поднесе три обвиненија против полициски службеници поврзани со настани во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Станува збор за одделна постапка од судскиот процес што е во тек. Обвиненијата се поднесени по истражна постапка која опфатила 27 полициски службеници, но дел од нив се опфатени во повеќе предмети. Во трите обвиненија се опфатени вкупно 25 полициски службеници од кои дел се началници во кочанска и штипската полиција. Дел се гонат за тешки дела против општата сигурност, а дел за злоупотреба на службената положба и овластување.
Истовремено, донесена е и наредба за запирање на истражната постапка за седум полициски службеници, на кои им се ставаат на товар дејствија што ги презеле во временскиот период од 2012 до 2022 година.
Инаку, во судскиот процес за пожарот во „Пулс“ што е во тек, обвинети се 35 физички и три правни обвинети лица.
Советот на Општина Кочани завчера едногласно ја поддржа иницијативата за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста на 63 ангели“, посветено на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“. Предлогот е иницијатива на Здружението „16 март 2025 Кочани“ и е усвоен со 19 гласа „за“. Спомен-обележјето ќе биде изградено во Стариот парк, во централното градско подрачје, на локацијата меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“ во Кочани.
