Извонредно и неповторливо доживување, кое не може целосно да се опише со зборови. Вака Македонецот Борјан Пановски (50), кој живее и работи во Њујорк, го опишува препловувањето на Атлантикот со едрилица за 18 дена – патување долго пет илјади километри.

Пановски беше дел од седумчлениот екипаж на едрилицата „Истриа“, која тргна од Лас Палмас на Канарските Острови, а пристигна на островот Санта Луција на Карибите. Тој раскажува дека на стартот во Лас Палмас тргнале 192 едрилици со различни големини и во различни класи. Најбрзите едрилици Атлантикот го препловиле за 12 дена, додека тие регатата ја завршија, како што вели Пановски, на златната средина – на позиција 92.

„Генерално, имавме добро време и одличен ветер, со исклучок на четвртиот и петтиот ден кога заглавивме во голема област без ветер која се движеше побрзо од нас и отколку што мислевме. Како што се приближувавме кон Карибите така ветровите стануваа посилни и имавме чести кратки, но доста интензивни периоди на облаци со силен дожд на кои им претходи неколкукратно засилување на ветерот за многу кратко време. Доколку не се реагира на време и не се следи визуелно движењето на облаците и на радар преку ноќ, може да настанат многу проблеми и оштетување на едрата или опремата“,
вели Пановски.

Повеќето проблеми при пловењето, очекувано, се јавувале при силни ветрови, големи бранови и невреме. Имало многу возбудливи ситуации, но Пановски една од нив ја квалификува и како опасна.
„Во едно такво невреме, на 15-от ден, механизмот за повлекување на главното едро се заглави за кратко потоа да се скрши и да откаже при што едрото, наместо да се намали поради силниот ветер (околу 60км/час), целосно се наполни со ветер, што предизвика опасно навалување на бродот. Несреќна, но истовремено и среќна околност беше што едрото делумно се откачи од јарболот со што напрегањето се намали, но поради тоа моравме целосно да го извадиме и да го отстраниме зашто веќе беше неупотребливо. Ова се случуваше во 3 часот по полноќ при огромни бранови, силен ветер и целосен мрак поради облаците. Сè се заврши успешно иако тоа беа долги 45 минути“,
раскажува Пановски.

Пановски од земјава си заминал во 2000 година. До 2006 живеел во Даблин, Република Ирска, а потоа се преселил во Њујорк. Таму живее со семејството и работи како банкар. Првите искуства околу едрењето ги стекнал на Мавровско и на Охридско Езеро. Потоа едрењето на море му станува голема страст. На прашањето како собрал храброст и се решил на ваков подвиг, вели дека едерењето и морето се пасија која со текот на времето станува само поголема и поголема.
„Повеќедневно едрење на отворено море, кога не гледате копно повеќе од еден ден, му дава на тоа искуство поинаква димензија. Одлуката за вакво нешто е само дел од целата авантура. Мене многу ми значи самото тоа што добив покана да бидам дел од екипата и улогата што ја имав, така што сè што следуваше потоа, на некој начин, беше веќе предодредено“,
вели Пановски.
На прашањето дали повторно би се решил на ваков подвиг, Пановски одговара со еден краток и еден подолг одговор.
„Краткиот одговор би бил – да, без размислување, а долгиот одговор е дека зависи од екипажот, типот и големината на едрилицата, составот на екипажот и искуството на капетанот. Има многу фактори што се погодија во мојот случај за целата оваа авантура успешно да се подготви и да се реализира“,
одговара Пановски.

Авантурата на Пановски да се преплови Атлантски Океан беше во рамки на трансатлантската регата „АРЦ 2019“, која се одржува секоја година на крајот од ноември.
