„Со овој проект што ќе го изведува Град Скопје, ќе се обезбедат околу 500 нови паркинг-места, што директно ќе ги олесни секојдневието и работата на здравствените работници, но и пристапот на пациентите од целата држава што секојдневно доаѓаат на лекување“, напиша скопскиот градоначалник
Клиничкиот центар во Скопје ќе добие две монтажни катни гаражи, најави денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека со тоа трајно ќе се реши проблемот со паркирањето во овој здравствен центар.
За почетокот на процесот за изградба на катните гаражи во Клинички, како што објави градоначалникот на својот фејсбук-профил, денеска одржале и координациски состанок со министерот за здравство Азир Алиу, како и со стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје.

„Со овој проект што ќе го изведува Град Скопје, ќе се обезбедат околу 500 нови паркинг места, со што конечно се става крај на долгогодишниот хаос со паркирањето во и околу Клиничкиот центар. Ова е конкретно, функционално и трајно решение што директно ќе го олесни секојдневието и работата на здравствените работници, но и пристапот на пациентите од целата држава што секојдневно доаѓаат на лекување“,
вели Ѓорѓиевски.
Според него, изградбата на овие монтажни гаражи ќе овозможи подобра организација на сообраќајот, слободен и непречен пристап на итната медицинска помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, со почитување на јавниот простор и современите урбанистички стандарди.
