Не е воспоставена сметководствена евиденција, нема процедури и протоколи за приемот, распределбата и користењето на нефинансиската помош поврзана со ковид-19. Тоа се само дел од забелешките на Државниот завод за ревизија за начинот на кој се управувало со донациите за ковид-19 кои земјава ги добивала од дома и од странство
Од почетокот на март 2021 година до крајот на ноември истата година, само Министерството за здравство има потпишано 75 договори за донации поврзани со ковид-19 во вкупна вредност од околу 1,5 милиони евра. Но, велат од Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената контрола, владиниот ресор немал воспоставено соодветна сметководствена евиденција за донациите.
Во одбрана на Министерството за здравство е наодот на ДЗР дека ресорот ги евидентирал донациите во табеларен преглед, но причината за несоодветната конечна сметководствена евиденција била некомплетната документација која им била доставена.
Не е само здравство
Слабости и недоречености не се карактеристични само за ковид-19 донациите кон Министерството за здравство. Според Државниот завод за ревизија, кој активно го следи овој процес, дури и поголеми недостатоци има кај други институции.
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), на пример, на 23 март 2021 година го активирала Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, со кој РСМ се поврзува со европската мрежа за справување со катастрофи а со тои и добива пристап до ресурси. Преку тој механизам, ДЗС добиле помош од околу 1 милион евра, но институцијата не воспоставила материјална и сметководствена евиденција.

Преку Секретаријатот за европски прашања, пак, земјава добила нефинансиска помош од страна на странски меѓународни донатори од околу 2 милиони евра. Ама, институциите кои добивале донации не ја пријавувале вредноста на донациите.
„ Констатиравме дека на национално ниво не е воспоставен механизам за континуирано проследување на информации од страна на буџетските корисници, приматели на донации, до СЕП за висината на примените донации и покрај законската обврска за вакво постапување. Отсуството на единствен централен систем за примање, следење и распределба на сите донации од странски донатор создаваат ризик од недостаток на целосни податоци и информации за добиените донации на државно ниво што може да влијае врз реалното утврдување на потребите и креирање на политики за постапување со донациите“,
се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија
МЗ направил систем, ама некои болници го игнорираат
За подобро управување и планирање на донациите во болниците, велат од ДЗР, Министерството за здравство направило интегриран информатички систем. Тој требал да обезбеди целосни и транспаретни податоци за состојбата со медицинска опрема со која располагаат јавните здравствени установи. Ама, не сите установи внесувале податоци во системот за донациите што ги добивале.
„Дел од здравствените установи во целост не ги внесуваат податоците за добиена опрема како донација и покрај законската обврска да вршат нивна ажурна евиденција. Од страна на одговорните лица во МЗ не се изготвени анализи за динамиката на
ажурирањето на податоците во системот како основ за проценка на реалните потреби од донација по здравствените установи.
ЈЗУ немаат пишани процедури, насоки, протоколи или упатства со кои ќе се регулира начинот на прием и постапување со добиените донации на опрема и заштитни медицински средства за справување со вирусот COVID 19 и надлежностите на одговорните лица вклучени во активностите. Ваквиот начин на постапување создава можност за затајување на контролните активности во делот на приемот, евидентирањето и распределбата на донациите односно со нивното
управување во целост“,
Северна Македонија добила 294 респиратори
Ревизорите немаат забелешка кога се во прашање донациите на респиратори. Пред почетокот на ковид-19 пандемијата, земјата располагала со 120 такви медицински уреди. Меѓу добиената помош за справување со ковид-19 добиени се и 294 респиратори од странски и од домашни донатори.