На 20 октомври годинава, тој е пронајден и лишен од слобода, а во службен разговор со полицијата го признал делото
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор против лице што со бензин запалило паркирано возило во скопска Кисела Вода, во сопственост на друго лице.
Лицето е осомничено за кривично дело – предизвикување општа опасност.

Во описот за случајот, од ОЈО Скопје соопштија дека осомничениот на 16 октомври, на улицата „Народни херои“ во Скопје, со бензин што го носел во пластично шише, го полеал автомобилот и го запалил, со што предизвикал значителна опасност за животот на луѓето.
Јавен обвинител од судија на претходна постапка побарал да биде определена мерка притвор, бидејќи постои опасност од бегство, но и веројатност осомничениот да го повтори кривичното дело.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека Одделението за криминалистички работи Кисела Вода поднесе кривична пријава протов Ж.И. (37) од СКопје поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело – предизвикување општа опасност.
„На 16 октомври годинава на улицата ‚Народни херои‘ во Скопје со запаливо средство предизвикал пожар во патничко возило марка ‘мерцедес‘, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.Н. (38) од Скопје и предизвикал материјална штета од 200 000 денари“,
се вели во соопштението од СВР Скопје.
На 20 октомври годинава, тој е пронајден и лишен од слобода, а во службен разговор со полицијата го признал делото.
Од Основниот кривичен суд му е одредена мерка притвор во траење од осум дена.