Вашата политика е инвестиција во антагонизам, а не во пријателство, одговорил вицепремиерот на прашање од бугарската пратеничка Захариева случаи на дискриминација и говор на омраза против граѓани што се изјаснуваат како Бугари
„Наметнатите пречки од Софија не се територијални, реформски, туку историски и јазични и директно засегаат во нашата идентитетска определба и имаат реални импликации во однос на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот и на континентот,“ вели Димитров во своето обраќање пред ПС на Советот на Европа
Со 16 секунди молк за 16 години потрошени како земја кандидат за членство во ЕУ, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров го почна својот денешен говор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде што се обрати како специјален гостин на есенската сесија.

„Ова беа 16 секунди што се видоа долги, па можете да доловите колку долги изгледаат 16 години за мојата земја, која од 2005 е кандидат за членство во ЕУ. Северна Македонија покажа посветеност кон постигнување на суштински промени за европско уредување дома, но и зрелост и одлучност на вистински европски партнер, што ги разбира различните позиции и ги претвора во прифатливи решенија, затоа што ја споделуваме оваа визија за обединување на Европа. Наметнатите пречки на патот кон ЕУ од страна на Софија не се територијални, реформски, туку историски и јазични и директно засегаат во нашата идентитетска определба, но и во она што е душата на Европа и европскиот идентитет и имаат реални импликации во однос на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот и континентот,“
рече Димитров.
Во 21 век во Европа, рече тој, прашањето на мојот мајчин јазик не смее да биде во судир со напредокот на државата кон членство. Не, ако Европа е континент каде што се почитува културната и јазична шареноликост, како што стои во Лисабонскиот договор.
„Кој сум јас и каков јазик зборувам не се прашања на кои може да се дозволи кој било друг да има право на збор. Тоа е лично мое прашање. Во една демократија, твојата држава не може да ти каже како се чувствуваш, а камоли некоја друга земја или организација, “
рече Димитров.
Вицепремиерот истакна дека секој компромис доаѓа со политичка цена што се плаќа дома, но оти мислата – водилка на вистинските лидери не се идните избори, туку идните генерации. Токму затоа, истакна Димитров, компромисите направени од страна на Северна Македонија, значат заземање на вистинското место во историјата, но газење врз правото на самоопределување во ниеден случај не може да биде дел од компромис, оти е спротивно на самата европска идеја.
„Затоа апелирам за одговорност и лидерство во Европа“,
рече Димитров.
Како што соопштува Секретаријатот за европски прашања, членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа му поставиле на Димитров многубројни прашања во врска со модалитетите за надминување на предизвиците и заокружување на европската перспектива на регионот.
На прашање од бугарската пратеничка Екатерина Захариева за мерките што ги презема Северна Македонија за справување со случаи на дискриминација и говор на омраза против граѓани кои се изјаснуваат како Бугари, Димитров одговорил:
„Кај нас нема ниту еден единствен пријавен случај за дискриминација врз основа на бугарска националност. Ниту една официјална жалба. Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања ви се дел од домашна политичка битка или се резултат на некаков меур во којшто сте и навистина верувате дека се врши некаква дискриминација. Северна Македонија е мултиетничка држава и за разлика од други земји од регионот, кај нас малцинствата се апсолутно признати со гарантирано право на еднаквост и на самоопределување. Што се однесува до говорот на омраза, одговорно тврдам дека од страна на официјални државни претставници нема такви случаи. Се разбира дека осудуваме инциденти со говор на омраза, но треба да имате предвид дека кога на некој народ се обидувате да му го оспорите јазикот и правото на самоопределување, очекувано е да има револт. Вашата политика е инвестиција во антагонизам, а не во пријателство“,
и одговорил Димитров на Захариева.