Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека при изборот на кандидатите повторно доминирале политички и партиски критериуми, така што, иако најавија дека ќе гласаат „воздржано“, ја напуштија салата
Собранието не успеа денеска да гласа за избор на новата Комисија за заштита од дискриминација, откако можеби само дваесетина минути по изборот на новиот состав на ДИК, со дури 95 гласа „за“, се испразни пленарната сала и снема кворум.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, откако се изјаснија дека ќе гласаат „воздржано“ за предложените членови во Комисијата за заштита од дискриминација, ја напуштија салата, така што воопшто не дојде до гласање. Претселателот на парламентот Талат Џафери ја прекина седницата и најави дека дополнително ќе закаже нејзино продолжение.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа претходно дека при изборот на кандидатите за членови на Комисијата повторно доминирале политички и партиски критериуми.
Гордана Силјаноска-Давкова рече дека кога ја видела листата на кандидати била импресионирана од бројот на пријавени, како и од некои од личностите зад кои, како што рече, стои научната јавност, но и невладиниот сектор. Личности за кои, како што рече, се знае дека биле активни, ја знаат таа област и можат да учествуваат во заштитата од дискриминација. Наспроти тоа, Силјановска ја критикуваше листата од седум предлози што ја утврдила собраниската Комисија за избори именувања од вкупно 44 пријавени кандидати.
„Јас нема да гласам, туку ќе бидам воздржана за листа во која повторно препознавам партиски луѓе, листа во која гледам меѓупартиски договор, договор на коалициските партнери од власта. Каде што има партиско и политичко влијание, реформите не виреат“,
рече Силјаноска-Давкова и нагласи дека е неопходна стручност и компетентност во професионализација на сите комисии кои треба да одлучуваат за човековите права.
Костадин Костадинов од СДСМ, претседател на Комисијата за изборите и именувањата, реплицираше дека сѐ ќе било поинаку ако Силјаноска-Давкова ја прифатела неговата покана и присуствувала на јавната расправа, која траела два дена, и им поставела прашање на 44 кандидати.
Тој рече дека од ВМРО-ДПМНЕ немало никаков предлог, туку се залагале за административна проверка на кандидатите. Согласно закон, појасни Костадинов, ниту службите ниту ние во Комисијата не вршиме административна проверка на кандидатите.
За членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со мандат од пет години се предложени Игор Јадровски од Хелсиншкиот комитет, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје; Неда Чаловска Димовска од Шведската развојна организација, дипломиран правник од Скопје; Лимко Бејзароски, политиколог и доктор по историски науки од с. Пласница, вработен во МВР, а поранешен член на Комисијата за лустрација; Ирфан Деари, лекар специјалист од с. Боговиње.
За членови со мандат од три години се предложени Кире Василев од Министерството за труд и социјална политика, Исмаил Камбери од Институтот за европска политика и Весна Бендевска, психолог од Битола.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека ќе гласаат воздржано за предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Потсети дека имале интервјуа со 44 кандидати, но, како што рече, немале можност за увид во нивната документација.
„Со начинот на кој го направивте изборот и не дозволивте да се дискутира за одредени други имиња, туку веднаш се помина на гласање на предлогот на колегите од СДСМ, од старт фрливте сомнеж на самата комисија“,
рече Мицевски.