Поради врнежи од снег, на повеќе места низ државата денеска е воведена забрана за движење на тешки товарни возила.
На патниот правец Гостивар-Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на пратниот правец Кичево – Пресека- Охрид, воведена е забрана за собраќај на тешки товарни возила.
Забраната важи и за движење на тешки товарни возила, камиони и автобуси на патниот правец Р 1209 Тетово-Попова Шапка, понатаму, патен правец крак Маврово- Жировница, како и на планинскиот премин Ѓавато и магистралниот пат А2 Струга – г.п Ќафасан.
За останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
На одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони. Од јавното претпријатие „Македонија пат“ апелираат на внимателно возење и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
Најмногу снег има наврнато на Попова Шапка, каде утринава, до седум часот, висината на снежната покривка изнесува 85 сантиметри, додека во Маврово и Лазарополе наврнати се 26 сантиметри.

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека максималната температура денеска ќе биде во интервал од 3 до 10 степени. На планините и на повисоките места особено на западот ќе се формира позначителна снежна покривка.
Во Скопје времето ќе биде облачно преку целиот ден со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.

