Републичкиот хидрометеоролошки завод издаде предупредување за снежни врнежи за утре на подрачјето на Северна, Западна, Централна и Југозападна Србија
Метеоролозите во Хрватска очекуваат дополнителен снег денеска и утре, локално повеќе од 50 сантиметри, а во комбинација со силен ветер, можни се големи налети на врнежи
Снегот што изминатите денови паѓа во Србија и во Хрватска ги натера властите да издадат предупредувања за активирање црвени и портокалови фази и прогласување вонредна состојба во одредени делови.
Метеоролошкото предупредување за замрзнат дожд сè уште е во сила во Србија, а црвените и портокаловите временски предупредувања важат во поголемиот дел од земјата. Одделот за вонредни ситуации апелира до граѓаните да не одбиваат евакуација кога спасувачките екипи ќе стигнат до нив.
Во областа на Златибор врне дожд, кој замрзнува, а екипите задолжени за одржување на патот се на терен. Претпријатието „Патишта на Србија“ ги повика учесниците во сообраќајот да користат зимски гуми и да не одат на пат без зимска опрема и синџири, возејќи внимателно и во согласност со условите на патот.

На територијата на Златибор, поради појавата на магла, видливоста на патот е намалена.
Во други делови од Србија е прогласена вонредна состојба со цел да се спречи загрозување на безбедноста на граѓаните.
Републичкиот хидрометеоролошки завод издаде предупредување за снежни врнежи за утре на подрачјето на Северна, Западна, Централна и Југозападна Србија.
Во попладневните и во вечерните часови се предвидува интензивирање на снежните врнежи, па се очекува висината на снежната покривка да се зголеми за 10 до 15 сантиметри, локално и повеќе.
Истото предупредување е издадено и за подрачјето на Белград, каде што се очекува висината на снежната покривка да се зголеми за 10 до 15 сантиметри.
Поради замрзнатите дождови, утре во Источна и во Југоисточна Србија ќе биде во сила црвена временска тревога.
Портокаловата временска тревога поради голема количина снег е во сила на подрачјето на Банат, Белград, Шумадија, Поморавје, Западна и Југозападна Србија.
Во Срем и во Бачка се очекува формирање помала снежна покривка, поради што во тој дел од Србија е во сила жолта фаза.
Освен во Србија, снегот што паѓа последните денови предизвикува проблеми и во Хрватска.
Метеоролозите очекуваат дополнителен снег денеска и утре, локално повеќе од 50 сантиметри, а во комбинација со силен ветер, можни се големи налети на врнежи.
Од хрватскиот автоклуб (ХАК) велат дека е можна ледена површина на патиштата и оти возењето е побавно на некои делници поради чистењето на снегот.

Оттаму известуваат дека снег паѓа во Лика, Горски Котар, северозападна Хрватска, пошироката област Риека, Истра, хрватското крајбрежје и островите, како и во Славонија.
Поради зимските услови, сообраќајот е забранет за камиони со приколки и полуприколки, како и за возила без зимска опрема, на патиштата во Лика и Горски Котар.
„Нема слободна патна рута за камиони со приколки и полуприколки од внатрешноста до Риека, Истра, Далмација и обратно“,
велат од ХАК.
Хрватските медиуми пишуваат дека и во Загреб, сите 245 екипи на зимската служба се на терен поради зголемениот интензитет на врнежите. Тие работат од понеделник во 6 часот наутро, а се претпоставува дека ќе работат цел ден и ноќ денес, како и цел ден утре, изјави Иван Шпехар, раководител на зимската служба на Загреб.
„Моментално сите екипи се на терен, беа во планинските подрачја од прв и втор приоритет, беше издадена наредба за сите екипи“,
вели Шпехар, додавајќи дека ги приспособуваат активностите во согласност со моменталните метеоролошки услови.
Хрватската метеоролошка служба најавува дека утре ќе продолжи ветровито и дождливо време во приморските региони, а посеверно по должината на брегот, локално е можна лапавица или снег, додека во делови од Лика и Далмација сè уште постои ризик од замрзнат дожд.
Нестабилното време со дожд и снег ќе продолжи во текот на целиот викенд.
