Смртоносна бура ги зафати подрачјата од Тексас до Мичиген во САД во која животите ги загубиле најмалку девет лица. Силните ветрови, снегот и градот откажаа повеќе од 1.000 летови, а стотици лица останаа без струја во седум американски држави.
Националната метереолошка служба соопшти дека додека бурата се движела од Тексас, преку југоистокот на САД и Големите езера до Мејн, на крајниот североисток на земјата, вчера и завчера биле регистрирани налети на ветрот со сила на ураган, град со големина на топче за голф и височина на снегот од пет до 13 сантиметри, пренесоа британските медиуми.
Околу 200.000 домови и фирми ширум Тексас, Луизијана, Мисисипи, Арканзас, Тенеси, Илиноис и Мичиген останале без струја, покажуваат податоците на сајтот PowerOutage.us.
На Меѓународниот аеродром во Чикаго се откажани или одложени најмногу летови, околу 1.000, наведува сајтот flightaware.com.
Според наводи на меторолози, во торнадата се оштетени или уништени згради во Арканзас и Мисури.
Според медиумските извештаи за загинатите, три жртви се регистрирани во северозападна Луизијана каде бурата уништила камп приколка во која се наоѓале две лица, а третата жртва била во нејзиниот дом кога паднало дрво врз куќата.
Во Далас, според Ен-Би-Си, загинал возач кој во невремето излетал од патот.
Во Тексас фатално завршиле и пожарникар и полицаец кои, исто така, излетале од патот додека оделе да направат увид на сообраќајка.
Уште три лица ги загубиле животите во западна Алабана, јавува Си-Ен-Ен, но детали не се понзнати.