Според министерот, сведоци сме дека од ГАК си отишле многу насмеани семејства со бебиња кои се родиле само со неколку стотици грама, од кои најмалото било само 660 грама
Годинава имаме рекордно ниски бројки на смртност кај предвреме родените бебиња. Од 2017 година досега за 74 отсто е намалена смртноста на предвреме родените бебиња. Во 2016 година изнесувала 25 проценти, за во 2023 година да достигне 5,6 отсто. Ова на Светскиот ден на предвреме родените деца го истакнаа министерот за здравство Фатмир Меџити и директорката на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство Викторија Јовановска.
Директорката Јованоска рече дека овие бројки се извојувани со макотрпна борба, но нагласи дека најбргу што може им е неопходно одобрување нови вработувања, оти секојдневно си заминуваат и сестри и лекари од тој оддел.
„Работиме со многу мал број вработени. Нам итно ни требаат доктори и медицински сестри, кои секојдневно го напуштаат одделението затоа што се соочуваат со огромен предизвик, меѓутоа и со многу тешка задача. Тоа е 24-часовно работно време, без можност за одмор. Вработените, особено докторите на овој оддел, немаат можност дури ни да го искористат правото на годишен одмор поради тоа што обврските секогаш ги тераат да бидат присутни тука. За да ги постигнеме овие бројки, им должиме на овие вработени, кои, верувајте, макотрпно ја извојуваа оваа победа. Последниот месец потпишав три отказни решенија на сестри што не можеа да го издржат овој предизвик. Таа работа е исклучително тешка. Борбата за живот на деца од 500 и 600 грама е огромна одговорност за вработените. Тие се под силен притисок и од мене и од целокупното раководство, секако и од нивната морална одговорност. Не може да се соочат со овие предизвици и си одат“,
рече директорката Јовановска.
Според министерот за здравство Фатмир Меџити, патувањето на кое се изложени предвреме родените бебиња и нивните семејства не се едноставни, тие бараат голема сила, издржливост и посветеност.
„Среќен сум што можам да ја споделам информацијата дека битките со предизвиците кои ги носи предвременото породување се почесто ги добиваме“,
рече Меџити.
Министерството за здравство, како што нагласи министерот, ќе остане посветено на креирање средина каде што предвремено родените бебиња ги добиваат највисоките стандарди на грижа, пристап до иновативни третмани и потребна поддршка за развој.
„Од оваа Клиника сведоци сме дека си отишле многу насмеани семејства со бебиња кои се родиле само со неколку стотици грама, од кои најмалото беше само 660 грама, ние ќе ги вложиме сите напори оваа позитивна пракса да продолжи“,
подвлече министерот.