Аргументирајќи ја тезата на која ќе се темели одбраната на овие обвинети за пожарот во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, Лаличиќ рече дека во описот на работата на двајцата нејзини клиенти не било да проверуваат кабли, инсталација, противпожарни апарати, безбедносни излези, туку да извршат обработка на документите што доаѓале во Министерството за економија од други надлежни институции
Обвинетите Беким Хаџиу и Арлинда Касапи не можеле да го предизвикаат пожарот во „Пулс“, затоа биле надлежни само за административна обработка на документи во Министерството за економија, кажа нивната бранителка Софија Лаличиќ во воведниот говор на денешното рочиште.

„Фактот што била издавана лиценца за кабаре иако објектот исполнувал услови за дискотека, Беким и Арлинда немале надлежност тоа да го знаат, ниту да го проверат. Тоа било во надлежност на други институции“,
рече адвокатката.
Аргументирајќи ја тезата на која ќе се темели одбраната на овие обвинети за пожарот во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, Лаличиќ рече дека во описот на работата на двајцата нејзини клиенти не било да проверуваат кабли, инсталација, противпожарни апарати, безбедносни излези, туку да извршат обработка на докумените што доаѓале во Министерството за економија од други надлежни институции.
Адвокатката кажа дека Хаџиу и Касапи немале законско право да вршат надзор и контрола во угостителските објекти, ниту, пак, да му наредат на Државниот пазарен инспекторат да изврши вонреден надзор.
Во врска за издадените лиценци за работа, адвокатката вели дека за ова немало забелешки во двете ревизии на Државниот завод за ревизија во Министерството за економија.
„Министерството за економија има право да одзема лиценца, но само ако службите утврдиле неправилности и за тоа доставиле документи до Министерството. Пожарот, блокадата на излезите, преполниот простор и присуството на деца не зависат од службеникот што ја проверува документацијата”,
кажа бранителката на обвинетите Хаџиу и Касапи.
Таа додаде дека од доказите јасно ќе произлезе кој е виновен за пожарот и каде се пропустите.
„Во правото нема верижни пропусти, тоа се малку повеќе политички фрази. Дали постои причинско-последична врска меѓу дејствијата на службениците со последицата? Не, нема врска. Мора да има непосредна врска. Обвинетите извршувале административна обработка на документи, додека за предизвикување на пожарот влијаеле други пропусти кои не биле во нивна надлежност”,
рече Лаличиќ во воведниот говор.
