Во изјава за медиумите, вицепремиерот рече дека станува збор за меѓудржавен договор што денеска се очекува да биде ратификуван од наша страна, а на неодамнешната средба во Брисел со потпретседателот на бугарската влада, Гроздан Караџов, добил ветување дека и бугарското собрание ќе го стори истото
Вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски смета дека актуелните случувања во Бугарија не би требало да влијаат врз текот на процесот на изградба на железничката пруга од Коридорот 8 и додаде дека на него работат и Скопје и Софија, во рамките на своите обврски.

За потсетување, минатата недела по серијата протести во повеќе градови во Бугарија, кои започнаа како реакција на носењето на буџетот за 2026 г. и воведувањето на еврото, владата на премиерот Росен Желјазков си поднесе оставка, по што државата повторно се најде во политичка криза.
Сепак, Николоски вели дека проектот за железницата на Коридорот 8 е во фаза во која политиката нема да може да има влијание.
„Работиме и ние и Бугарија. Мислам дека веќе сме во фаза каде што политиката нема влијание на целиот овој проект“,
вели вицепремиерот и министер за транспорт.
Во изјава за медиумите тој рече дека станува збор за меѓудржавен договор што денеска се очекува да биде ратификуван од наша страна, а на неодамнешната средба во Брисел со потпретседателот на бугарската влада, Гроздан Караџов, добил ветување дека и бугарското собрание ќе го стори истото.
Како најдобра потврда за тоа што го кажува, Николоски ја посочи првата средба на техничко ниво одржана вчера и завчера меѓу директорите на двете железнички инфраструктурни претпријатија и нивните тимови во Софија, на која се работело на подготовка на документацијата, што, според вицепремиерот, е веќе завршено од наша страна.
Втората средба помеѓу претставниците на железничките претпријатија од двете земји задолжени за секторот инфраструктура, Николоски рече дека е планирана за јануари следната година.
Паралелно со ова, како што посочи вицепремиерот, се очекува Европската Унија да обезбеди грант од 100 проценти, кој треба да оди преку механизмот СЕФА (SEFA). Овој механизам, како што кажа Николоски, може да го користи Бугарија, но не и Македонија. Затоа, додаде, се очекува за заврши внатрешната процедура во ЕУ за кој овој механизам ќе стане отворен и за нас.
„Тоа значи дека интензивно работиме со Бугарија на она што е договор. Дополнително, ние презедовме наши обврски, а тие презедоа свои. Во однос на нивните обврски, колку што сум информиран во моментот тече процесот на жалба за изградба на делот од Ѓуешево до границата, по што ќе следи изборот на изведувач. Во моментов прават проектирање со цел на пролет да распишат тендер за делот Софија – Перник – Радомир до Ѓуешево. Проценетата вредност на нивниот дел е околу 1,2 милијарди евра“,
рече Николоски.

Во однос на нашиот дел, како што додаде, првичната информација за тендерот на Коридорот 8, трета фаза, е објавена на официјалната веб-страница на Европската Унија и на официјалната веб-страница за тендери на ЕУ бидејќи, додаде вицепремиерот, имаме „сериозен грант и добри кредити“.
„Процесот го води Европската Унија, заедно со ‘Железници – инфраструктура’. Тоа е првиот чекор што беше направен. Вториот чекор, до крајот на месецот, зависи од божиќните празници, треба да излезе и тендерот за надзор“,
појасни Николоски.
Според него, тендерот за изведба се очекува кон крајот на јануари и ќе се оди со комплетно нова процедура што по првпат се воведува во регионот.
Имено, како што кажа, паралелно ќе се прави евалуација и на техничката подготовка и на финансиските понуди.
Ова, рече Николоски, ќе се прави за да не се повтори случајот со Секцијата 2 на коридорот, каде што бил избран „несериозен“ изведувач што барал повеќе пари од тоа што се нафатил да го сработи.
„Секако, нема да ги добие парите и мора да го сработи тоа што се нафатил. Прогресот не е задоволителен. За да не се доведеме во ваква ситуација, на предлог на ЕИБ, ќе одиме со оваа процедура“,
изјави Николоски.
Во однос на работите на брзата пруга од Коридорот 10, Николоски вели дека во моментот се работат сите подготвителни активности што јавноста не ги гледа, но се важни за успешна реализација.
Според вицепремиерот од моментот кога ќе се појави првиот багер на терен нема да поминат повеќе од пет години до завршување на работите.
„Би сакал да бидеме прецизни што е почеток. Во перцепцијата на народот, тоа се багери на терен. Во суштина, проектот веќе е почнат, затоа што во моментов се работат најбитните работи за еден проект. Не сакам да ни се случи Охрид – Кичево, каде што 11 години по почетокот на терен, сега проектираме косини. Во моментов ги работиме сите подготвителни активности кои можеби не се видливи за јавноста, но се најбитни за успешна реализација на проектот. Ние велиме дека од моментот кога ќе се види првиот багер на терен, до комплетно завршување да не поминат повеќе од пет години, и нема да поминат повеќе од пет години, затоа што ќе влеземе одлично и спремни во оваа работа“,
рече Николоски.
