Глобалниот пораст на цените на мазутот, како и на нафтата и нафтените деривати, значи пораст на вкупните трошоци во работењето на компанијата, а со тоа и на производствената цена на струјата, но директорот на „Електрани“ не очекува зголемување на цената по која ЕСМ му ја продаваат електричната енергија на „ЕВН хоум“ зашто најмалку до јуни 50% од производството се очекува да доаѓа од хидропотенцијалот, каде што мазутот и нафтата немаат влијание
Случувањата на Блискиот Исток влијаат врз производството на електрична енергија, вели претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АД „Електрани“, Лазо Узунчев, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Глобалниот пораст на цените на мазутот, но и на нафтата и нафтените деривати, значи пораст на вкупните трошоци во работењето на компанијата, а со тоа и на производствената цена на струјата, додава Узунчев.

Узунчев: Факт е дека мазутот којшто го трошиме во електраните од година во година расте. Ние во 2025 година завршивме со 24 грама врз киловат-час произведена енергија. Тоа, кажано народски, значи дека ние дневно трошиме околу 80 000 тони мазут за еден блок. Вкупно во 2025 година во РЕК „Битола“ и во ТЕЦ „Осломеј“ потрошивме 58 милиони килограми мазут.
360°: Споредено со 2024 година, кога се потрошени околу 48,5 милиони, тоа е раст за околу 20 проценти?
Узунчев: Околу 18 проценти е растот.
360°: Што значи – трендот на раст на употребата на мазут во производствениот процес продолжува?
Узунчев: Трендот оваа година не очекуваме да порасне бидејќи веќе е стабилизирана работата на котлите и во трите термоблока во Битола и во Кичево, по оние опсежни ремонтни активности што ги спроведовме во 2025 година. Очекуваме дури и тренд на благо намалување, така што согласно планот за производство за оваа година, предвидено е да потрошиме помеѓу 49 до 52 милиони килограми.
Во однос на испораката на мазут, Узунчев вели дека добавувачот го почитува договореното, иако со растот на цените нема економска логика да продолжи со достава.
„Веќе подолго време нашиот договорен добавувач се соочува со сериозни предизвици во обезбедувањето достапни количини, а притоа економската логика му наметнува тој да излезе од договорот, односно да го раскине договорот со нас. Зошто? Затоа што од ескалацијата на судирите на Блискиот Исток, цената по којашто нашиот добавувач го набавува мазутот од ОКТА е многу повисока од договорно продажната цена. Меѓутоа, ризикот од раскинувањето на договорот, покрај активирањето на банкарската гаранција, носи и негативна референција за идни учества на идни тендери и економскиот оператор сè уште со крајни сили успева да ги исполни нашите очекувања за количини на мазут коишто ни се потребни во производствениот процес“,
вели директорот на „Електрани“.
Во моментов не се користат државните резерви на мазут, вели Узунчев. Но, будно се следи состојбата, па доколку ескалира проблемот со снабдувањето со мазут ќе побараат од Владата прогласување кризна состојба со снабдување со електрична енергија. Тоа, според Узунчев, ќе овозможи да се повлечат дополнителни 50 проценти од државните резерви коишто изнесуваат 5 250 000 килограми во моментов.

Узунчев: Вие знаете дека со последната прогласена кризна состојба за снабдување со електрична енергија во декември 2025 година, Владата ни додели 5 250 тони или 5 250 000 килограми мазут. Ние од тие повлековме само половина и во моментов имаме околу 2 700 тони мазут неискористени, коишто ги чуваме во силосите, односно магацините на „Макпетрол“ и ОКТА, коишто имаат лиценца за чување на државните резерви.
360°: Преведено, за колку денови се тие?
Узунчев: Во зависност од тоа со колку блокови ќе произведуваме електрична енергија бидејќи, согласно временските услови и планот за производство, ние во наредниот период ќе произведуваме во еден, евентуално два блока. Ние имаме помеѓу 25 и 50 дена мазут за согорување. Имајте предвид дека надвор од државните резерви, во нашите сопствени магацини, имаме околу 1 200 тони мазут.
На прашањето дали зголемени трошоци за производство консеквентно ќе значат зголемување на цената на струјата по која ЕСМ му ја продаваат на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“, а со тоа и на крајната цена за домаќинствата, Узунчев вели:
„За жал или за среќа, логиката никогаш не била пресудна во одредувањето на цената којашто ЕСМ ја нуди на тендерите што ‘ЕВН хоум’ ги распишува за снабдување со електрична енергија кон крајните потрошувачи – тоа се домаќинствата и малите потрошувачи. Меѓутоа, ако се земе предвид дека од досегашните 76 проценти со коишто термоелектраните учествуваа во вкупното производство и покривање на конзумот кон ‘ЕВН хоум’, денеска сме на 50 проценти поради одличната хидрологија којашто ја имаме, имајќи предвид дека просечната производствена цена кај хидрото ни е околу 12,9 евра за мегават-час, и имајќи предвид дека ние најмалку до крајот на јуни ќе возиме со истиот редослед, односно повеќе од половина од производството да ни доаѓа од хидрото, тогаш и трошоците кои во овој момент ги имаме кај термото, каде што се правопропорционално зависни од цената на мазутот и останатите енергенси, односно нафтата и нафтените деривати, не очекувам дека ќе има потреба ние пред Владата да излеземе со зголемени трошоци и на тој начин да проектираме дека бараме повисока цена во втората половина од 2026 година“.
