Зекирија Шаини, кој инаку е носител на советничката листа за Општина Липково од редовите на коалицијата предводена од ДУИ, во реакцијата ги повикува надлежните што поскоро да го расчистат случајот
Докторот Зекирија Шаини, кој вчера беше ранет при оружен инцидент во центарот на Куманово, денеска по првпат се огласи во врска со инцидентот. Во неговата реакција, која ја пренесува ТВ Алсат, Шаини вели дека се работи за обид за убиство, но повика случајот да не се политизира и да не се поврзува со никакви политички судири бидејќи, како што вели, нема непријателство со никого.

„Се наоѓаме во период на изборна кампања, но не сакам овој настан да добие политички призвук. Немам политички непријателства со никого“,
наведува тој.
Шаини, кој инаку е носител на советничката листа за Општина Липково од редовите на коалицијата предводена од ДУИ, во реакцијата ги повикува надлежните што поскоро да го расчистат случајот.
„Вчера бев нападнат на кукавички начин од маскирани лица. Сакам да ве уверам дека немам непријателство кон никого ниту, пак, сум допрел до нечие семејство или чест – за ова го имам само Бог како сведок“,
се додава во реакцијата на Шаини.
Претходно денеска тој беше пуштен на домашно лекување од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.
По вчерашната вооружена престрелка во центарот на Куманово, Шаини со четири прострелни рани во пределот на левата подлактица и десното колено првично беше пренесен во кумановската општа болница, а оттаму во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.