Јавното обвинителство има сознанија и за други случаи на уцени кои се вршени од лицата осомничени во случајот „Рекет“, но засега не се открива за колку случаи се работи. Неколку бизнисмени веќе дале изјава во обвинителството.
„Имам сознанија за други случаи, но не можам да ви кажам за колку лица се работи. Тие лица дадоа изјава и сега бараме докази за да ги потврдиме исказите“, изјави јавната обвинителка за организиран криминал, Вилма Русковска утрово за Дојче веле.
Русковска потврди дека тие бизнисмени тврделе дека биле уценувани од истите лица кои се осомничени во истрагата за случајот „Рекет“.
За случајот „Рекет“, засега единствени осомничени и притворени се Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец. Тие се товарат за тргување со влијание. Рекетирале лице осомничено во случај на СЈО повикувајќи се на блискост и влијание врз „јавен обвинител“ – услуга за која од познатиот бизнисмен, човек со релации и со претходната и со актуелната власт, барале 8 милиони евра.
Обвинителството се уште го чека вештачењето на мобилниот телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Во меѓувреме, Јанева замина на боледување, а од СЈО велат дека немаат никаков контакт со неа.