Васев особено се задржа на сведочењето на Равник за пациент со повторен карцином на јајник, каде што вели дека лекот „капецетабин“ не се дава за овој вид рак, додека во Македонија, според неговиот исказ, овој лек, според домашните протоколи, базирани на протоколите на Министерството за здравство на РСМ од 2011 година, се дава за 15 индикации, и тоа во дози од 60 милиграми за метастази
Вештото лице Маја Равник од Медицинскиот факултет во Марибор, Словенија, повеќе од осум часа денеска одговараше на вкрстени прашања од одбраната на поранешниот дирекот на Клиниката за онкологија Нино Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.

Равник во судница одговараше и на вкрстени прашања од првообвинетиот Нино Васев, кои беа во насока на конкретните лекови и дози кои се давале и нивната усогласеност со одредени студии и протоколи, но и за тоа какви се националните протоколи, состојбата и достапноста на онколошки лекови, како и за конкретни делови од документацијата врз која го темели своето вештачење за одредени пациенти.
На прашање од Васев, дали ѝ е познато дека конкретен пациент бил лекуван и во Грција и Турција, за што има документација што треба да прима како терапија во Македонија, сведокот Равник рече дека тоа во документацијата го нема, не го знае и не може да го коментира.
Васев особено се задржа на сведочењето на Равник за пациент со повторен карцином на јајник, каде што вели дека лекот „капецетабин“ не се дава за овој вид рак, додека во Македонија, според неговиот исказ, овој лек, според домашните протоколи, базирани на протоколите на Министерството за здравство на РСМ од 2011 година, се дава за 15 индикации, и тоа во дози од 60 милиграми за метастази.
„Во вашето вештачење стои дека ‘капецетабин’ нема индикација кај рак на јајници. Дали ви е познато дека на нашиот Институт за радиотерапија и онкологија има труд кој е влезен во националниот протокол и ние даваме ‘капецетабин’ во втора и трета линија и кај гинеколошки карцином, и кај рак на дојка и кај колоректален и кај 11 други индикации“
праша Васев.
Равник на тоа рече дека „капецетабин“ има индиции за успешно лекување кај различни видови рак, но повикувајќи се на протоколите тој нема индикации кај лекување рак на јајници.
„Со оглед на подготовките на ова мислење не направив поширока анализа на комплетната домашна литература и се повикував на насоките и протоколите кои важат во современата онкологија. Ако постојат национални протоколи со доказ поткрепена медицина, не можам да толкувам“,
изјави сведокот Равник.
Во однос на пациент, за кој Равник во своето вештачење вели дека примал неиндицирана терапија, која водела до влошување на здравствената состојба, Васев ја праша дали со медицинска сигурност може да каже дека оваа неиндицирана терапија, и доза дадена на конкретен датум, водела до влошување и скратување на животот на овој пациент. Равник нагласи дека сè што е запишано во вештачењето и кажано во последните три дена е под заклетва и го дала врз основа на прегледаната документација и со онколошките протоколи и стои на тоа што е кажано.
На ова Васев ја праша дали ѝ е познато дека среден период на преживување по студиите на оваа болест е 17 месеци, а кај оваа пациентка е 52 месеци, укажувајќи дека пациентката проаѓа четврта линија на лек и дава уште 11 месеци без никаква прогресија на болеста и во петта линија живее уште 12 месеци, по што оди шеста линија на лекување и потоа доаѓа терапија на седма, каде семејството и пациентката потпишале согласност.
„Ме радува што пациентката живеела долго, но со одредени наоди, како што кажав, не можам да се согласам“,
изјави сведокот.
Равник претходно денеска одговараше на вкрстени прашања и од бранителите на Васев, кои се однесуваа повеќе на целокупното вештачење што Равник го има направено за Обвинителството на медицинската документација за лекувањето на вкупно 51 пациент.
Бранителот на Нино Васев, адвокатот Боби Спирковски, во изјава за медиумите, денеска рече дека ова вештачење не смее и не може да има никаква правна валидност.
„Ова, ако сакате, и од многу конкретни прашања што ги слушнавме денеска, каде што има погрешен пристап и непознавање целосно на македонските протоколи по кои македонските лекари се должни да постапуваат, а имаат можност секогаш и од нив да отстапат ако нивната одлука е образложена или нотирана во медицинската историја. Исто така видовте дека сите тие категорични тврдења претходно на вештакот денеска малку поинаку звучат, затоа што никој не може да предвиди кога пациентот ќе умре, и никој не смее од човечки, хумани причини да го прави тоа што вештакот го предлагаше, да не се дава терапија на 1, 2, 3 дена пред смртта. Така што, да заклучиме, по мене, денеска излезе многу јасно на виделина дека вештачењето е нестручно направено во дел што се однесува на професионалниот пристап на вештак, на еден судски вештак, не во дел којшто подразбира максимално познавање на одредената област“,
изјави Спирковски.
Во однос на стручноста, Равник на почетокот од нејзиното сослушување пред Судот нагласи дека во текот на 2011 го положила европскиот испит за интернистичка онкологија, во 2012 положила специјалистички испит од интернистичка онкологија и од тогаш работи на Клиничкиот центар во Марибор како прв онколог, а од 2016 година, кога е формиран одделот, е началник на одделот. Од 2022 година е национален координатор за специјализација во Словенија.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска.
Судењето продолжува и утре со сослушување на вештите лица од Словенија.
Во согласност со најавената динамика, кон крајот на март ќе треба да се почне со сослушување вешти лица од Србија, кои исто така работеле медицински вештачења за Обвинителството.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија-Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина и судот ја осуди на две години условна казна затвор.
