Некои чекаат и по година и половина за мислење од Антидискриминациската комисија. Но, за претставката на Никола Груевски, која заврши со позитивен епилог за него, биле потребни само 52 дена.
– Воопшто не е тоа брзање, тоа е нормално одлучување, зошто ако ги погледнете другите претставки 95 насто од претставките се донесени во тој рок или во пократок рок – вели претседателот на Комисијата, Александар Даштевски.
Дел од граѓанскиот сектор смета дека Комисијата има двојни аршини за тоа што оди на „брза лента“, а што „во фиока“.
– Давањето предност некому врз одредена дискриминаторска основа, како што е во случајот политичка припадност, исто така се смета за дискриминација – смета Драгана Дрндаревска од коалицијата „Маргини“.
Двајца од седумте членови на Комисијата велат дека во мислењето за Груевски ја нема суштината.
– За да се констатира дискриминација мора да се докаже дека едно лице е понеповолно третирано во споредба со друго лице – смета членот на Комисијата, Беким Кадриу.
Како и зошто Никола Груевски го доби документот од Антидискриманициска, кој му послужи како „виза“ за азилот во Унгарија?
На 13 ноември Никола Груевски се огласи од Будимпешта дека побарал политички азил во Унгарија. Точно два месеца претходно, Груевски во Македонија ја поднел претставката, која една недела пред неговото бегство, ќе му обезбеди документ од државна институција во кој се констатира дека тој е „политички“ дискриминиран.
Зошто мнозинството во Комисијата, меѓу кои се поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и други јавно експонирани лица со ставови блиски до оваа партија, одлучи речиси двојно побрзо од крајниот рок од 90 дена, во услови кога во фиоките имаат предмети стари по година и половина?
– Апсолутно не се во право. Ако се доцни со претставките, тоа не се двојни аршини. Туку тоа се технички причини, од кои често пати, една од тие претставки што ги споменуваат се виновни невладините оргнанизации. И ние сме ја донеле само пред неколку дена, пред тој ден што требаше да се одлучува за одење во притвор односно затвор или не. Тоа е една од причините и главна причина за донесување, бидејќи имало некои рокови што морало да се запазат. Бидејќи после тие рокови претставката нема никаква моќ – објаснува претседателот Даштевски.
Причината што Даштевски и уште четири негови колеги донесоа мислење дека Никола Груевски е директно дискриминиран е бидејќи утврдиле дека во неговиот случај има – „нарушување и ограничување на еднакво признавање на правото на правично судење како основно човеково право од страна на судијата Добрила Кацарска.“ Основата за таквото нарушување тие го виделе во „неговиот личен и општествен статус како поранешен Премиер и Претседател на политичка партија.“
– Не му било овозможено доволно врме за одбрана и не му било овозможено право на слободен избор на адвокат. Се работи само за 5 дена во тој ден, некаде во април, се работи за 5 дена, адвокатот имал други судења и барал одлагање 5 дена, а расправата траела до 10 и пол навечер. Другиот ден почнала во 10 часот наутро. Имаме на пример 100 страници материјали од весници кои ги следеле судењето, приложени во предметот. Па ги имаме записниците – објаснува Даштевски.
Но, токму во овој став лежи причините зошто зад мислењето не застанале сите членови на Комисијата. Беким Кадриу објаснува дека правото на правично судење може да биде дел од нивната работа, но само ако е поврзано со некаква форма на дискриминација. Во решението за Груевски, вели тој, на ниту едно место не се докажува како правото на правично судење му е нарушено поради личниот, општествениот или политичкиот статус.
– Тој основ КЗД само го наведува во мислењето, а никаде не го става во контекст. Да речеме зошто поради тоа што бил поранешен претседател на Влада, каде се гледа понеповолниот третман? Каде? Нема – дециден е Кадриу.
Според Кадриу, дефиницијата за директна дискриминација налага компаративна анализа, со која Комисијата морала да докаже дека Груевски бил понеповолно третиран во однос на друг обвинет во ист предмет.
– Предметот беше обемен, но тоа не значи дека подносителот ви дава материјали кои се суштински за докажување на дискриминацијата. Има записници од судски рочишта, различни докази кои може се значајни за судските предмети, но не и за КЗД бидејќи таму не се докажува понеповолен третман – објаснува членот Кадриу.
Во документот е објавено и мислењето на судијката Добрила Кацарска, каде таа аргументира дека „со ниту едно дејствие кон него немало дискриминација и дека таа не била виновна што против него се водат други четири постапки пред тој Суд“. Нотирано е и дека Скопскиот кривичен суд не пратил одговор со објаснување дека постапка за „пристрасно и незаконито постапување“ на судија се води пред Судскиот Совет. Она што нема во документот – е пример дека во споредба со други обвинети Груевски добил нееднаков третман. Тогаш од каде мнозинството членови го извлекле заклучокот?
– Кога се работи за повреда на човековите права, а овде член 6 од Европската декларација за човекови права, секогаш се работи за директна дискриминација, не треба ништо да се докажува.
– Меѓутоа, директната дискриминација подразбира дека треба да посочи во кој друг случај е така постапувано..
Па посочено е, во кој друг случај е ова направено? Значи тоа е компарацијата. Значи тоа не смее да се помисли да се направи. Затоа и постоиме ние.
– Сакам да кажам дека во иста и друга постапка… тоа ви е друг член, тоа не е член 6, тоа е член 5 за еднаков третман – вели Даштевски.
И додека мислењето за Груевски предизвика поделби во Комисијата, невладините организации кои работат во областа посочуваат бројни случаи кога Комисијата не одлучува во законскиот рок. За најдрастичен пример го посочуваат непостапувањето за хомофобични емисии на Миленко Неделковски, кои датира од февруари 2017-та година. За оваа претставка Даштевски вели дека е донесено негативно мислење, иако тоа никогаш не стигнало до организациите.
– Ако сте независен орган, Никола Груевски ќе го третирате исто како Миленко Неделковски како и секоја друга претставка што ви ја имаат пратено граѓаните. Така што нели нормално е прво да одлучуваш по претставките за кои веќе доцниш, па после тоа да ги третираш новите претставки. Очигледно се работи за постапување надвор од вообичаената пракса на Комисијата, иако не велам дека таа вообичаена пракса е исправна на сметка на тоа како постапија за Никола Груевски, се работи за мерка на позитивна дискриминација – велат од коалицијата „Маргини“.
Дрндаревска има објаснување зошто на Груевски му бил потребен овој документ и зошто Комисијата побрзала да му го даде.
– Повеќе мислењето го гледам како изговор на Владата на Унгарија да даде низ некаква основа азил. Инаку би било лесно да се провери КЗД каков е нејзиниот статус во Македонија, за тоа имаме известувано години наназад поединечно и сите организации дека е непрофесионално тело – смета Дрндаревска.
Власта најави реформа на Антидискриминациската комисија преку нов закон, кој е во собраниска процедура. Неговите завршни одредби предвидуваат дека откако ќе стапи на сила, ќе престане мандатот на актуелниот состав на Комисијата. Но, Даштевски се повикува на мислење на Венецијанската комисија за неменување на составот на Комисијата, за да не се влијае врз независноста на телото.
Но, токму независноста на Комисијата е ставена под знак прашање во последниот извештај на Европската комисија за Македонија, во кој пишува:
-Долготрајните недостатоци во работата на Комисијата за заштита од дискриминација треба да се отстранат, вклучувајќи ја и нејзината непристрасност и независност.