Ристовска е членка на Антикорупциската комисија, а на веб-страницата на ДКСК и на Универзитетот „Скопје“ во нејзините биографии стои дека е ангажирана како наставен кадар на Универзитетот „Скопје“. Тоа до вчерашната седница на ДКСК за предметот на Христовски, според Телма, можеби и не било спорно, но по седницата има сериозни сомнежи за судир на интереси
На Ристовска како член ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот „Скопје“ која ја пријавил Христовски за да исполни услови за врвна безбедносна позиција во тајната служба. Иако е дел од наставниот кадар на Универзитетот, Ристовска не се откажала од предметот за директорот на Агенцијата. А, на седницата уверуваше дека просветниот инспекторат не нашол ништо спорно во факултетската диплома издадена на Универзитетот каде што таа е дел од наставниот кадар
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) вчера се прогласи за ненадлежна да одлучува, односно да врши директна експертиза на ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски за познавање на англискиот јазик, како и за дипломата од Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, а кои предизвикаа најголемо внимание во јавноста, особено сертификатот издаден во Пловдив, Бугарија.

Предметот на вчерашната седница го реферираше антикорупционерката Цвета Ристовска.
Таа, според ТВ Телма, до пладне е антикорупционерка, а од пладне магистер на Универзитетот „Скопје“, познат како Универзитет за менаџмент и туризам.
„За Ристовска, и на веб-страницата на ДКСК и на Универзитетот ‘Скопје’, во нејзините биографии стои дека е ангажирана како наставен кадар на Универзитетот. Дури на инстаграм-страницата на Универзитетот во април како колешка добила и роденденска честитка“,
пишува ТВ Телма.

Ристовска, според објавата на Телма, има две позиции во јавниот живот, но вчера при одлучувањето за случајот на директорот на АНБ, ги измешала.
„Таа реферираше и за сомнителната диплома издадена на Универзитетот за менаџмент и туризам Скопје и рече дека е чиста според известувањето на просветниот инспекторат“,
пренесува телевизијата.
Тоа до вчерашната седница на ДКСК за предметот на Христовски, според Телма, можеби и не било спорно, но по седницата има сериозни сомнежи за судир на интереси. На Ристовска како член ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот „Скопје“ која ја пријавил Христовски за да исполни услови за врвна безбедносна позиција во тајната служба.

Иако е дел од наставниот кадар на истиот Универзитет, Ристовска не се откажала од предметот за директорот на Агенцијата. А, на седницата на ДКСК уверуваше дека просветниот инспекторат не нашол ништо спорно во факултетската диплома издадена на Универзитетот каде таа е дел од наставниот кадар.
Телма на официјалните електронски адреси на Антикорупциската, како и преку Вибер на претседателката Татјана Димитровска, испратила прашања – дали станува збор за случај на судир на интереси.
„Но, никој не одговори на нив до монтирањето на прилогот. Телефонскиот број на Ристовска наведен на веб-страницата на ДКСК исклучува и не постои“,
пишува Телма.
Во Законот за спречување на корупција е дадена дефиниција за судир на интереси.
„Под судир на интереси се подразбира состојба во која службено лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасно вршење на неговите јавни овластувања или службени должности“,
пишува во член 2, став 3 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.
И во Етичкиот кодекс на ДКСК се вели дека членот треба да се откаже од одлучување во предмети што се поврзани со судир на интереси.
„Претседателот и членот на Комисијата нема да дозволат финансиски интерес или каква било друга форма на интерес утврдена со закон, за него, неговото семејство, за роднините, пријателите, за физички и правни лица со кои или има или претходно имал деловни врски, да дојде во судир со нејзината/неговата функција“,
се вели во член 9, став 1 од Етичкиот кодекс на ДКСК.

Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, недозволиво и скандалозно е тоа што Антикорупциската комисија вчера донесе одлука дека е ненадлежна за стекнатото образование на Христовски.
„ДКСК се повикала на некакви документи и анализи направени од Државниот просветен инспекторат. Поради тоа, одат чекор понатаму и сега го повикуваат Инспекцискиот совет и министерката за образование да интервенираат“,
рече тој.
Филиоче смета дека е недозволиво таква одлука да помине врз основа на некакви анализи на инспектори од ДПИ.
„Сите ги видовме дипломите на директорот на АНБ. И малите деца видоа дека факултетот му е завршен за една година. Ја повикувам министерката за образование, одлична професорка по патологија на Медицинскиот факултет во Скопје, каде еден испит заради нејзината принципиелност се полагаше и по шест месеци, сега да не аминува одлука во која факултет може да се заврши за една година“,
рече тој.
Повика да се направи повторно анализа и повторно документите да се разгледаат од Антикорупциската комисија.
Додаде дека не сака да ги коментира капацитетите на ДКСК, зашто не се сомнева дека таму работат професионалци.
Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика многубројни прашања и реакции во јавноста.
Во интервју за „360 степени“, Христовски рече дека во целост ги исполнува законските услови за именување на директорската позиција во АНБ, меѓу другото, дека поседува соодветен сертификат за познавање на англиски јазик – нешто што го оспори опозицискиот СДСМ, тврдејќи дека во Пловдив, каде што Христовски навел дека го добил сертификатот, не постои центар за полагање ТОЕФЛ-тест.
За ТОЕФЕЛ-сертификатот „360 степени“ објави серија стории и написи со кои покажа дека „Јулија“ ја нема во Пловдив, дека нема деловна активност најмалку од 2019 година наваму, дека има пресуди за фалсификат сертификати од истото школо, дека во владин документ е посочено друго школо во Пловдив за полагање таков испит.