Во угостителските објекти дозволена е и жива музика, а тестирањето ќе може да се направи и непосредно пред самиот влез на локалите

Словенија забрани масовни дочеци на Нова година на отворено, но дозволи работа на угостителите до раните утрински часови за оние што имаат ковид-сертификати или негативен тест.
Словенечката влада ги објави епидемиолошките мерки кои ќе бидат во сила во текот на празничниот период, а се значително поблаги од минатогодишните, кога речиси сѐ беше под клуч.
За разлика од минатата година, сега во црквите ќе се одржуваат и полноќни миси, но на нив ќе можат да присуствуваат само оние што се вакцинирани, што прележале ковид-19, како и оние што ќе прикажат негативен ПЦР-тест.
На 24 и 25 декември, како и на 31 декември и 1 јануари, ќе биде дозволен собир на најмногу три домаќинства, под услов лицата постари од 6 години претходно да направат тестирање на ковид-19, објави словенечката влада.
Дозволи и жива музика
Валидноста на брзиот антигенски тест се скратува на 24 часа, а на ПЦР-тестот на 48 часа.
Во угостителските објекти дозволена е и жива музика, а тестирањето ќе може да се направи и непосредно пред самиот влез на локалите.
Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 1 203 нови случаи на ковид-19, а двајца пациенти починале, објави словенечкиот Институт за јавно здравје.