Според словенечката полиција, четворица мажи кои не сакале да се вакцинираат, за пари ангажирале лице со социјални проблеми кое се вакцинирало во различни центри за вакцинација користејќи го нивниот здравствен документ. Лицето е уапсено откако по осми пат се пријавило за вакцинација
Во Словенија е приведен маж кој во последните два месеци седум пати се вакцинирал против ковид-19 во име на други лица, а кривично ќе одговараат уште четворица, на чие име се вакцинирал мажот, за да добијат ковид сертификати.
Тие се товарат за манипулација при вакцинацијата бидејќи ги довеле во заблуда здравствените власти при што на невакцинираните им биле издадени ковид сертификати иако не примиле вакцина, објави телевизијата Поп-ТВ, а пренесува Н1.
Според полицијата, четворица мажи кои не сакале да се вакцинираат за пари ангажирале лице со социјални проблеми кое се вакцинирало во различни центри за вакцинација користејќи го нивниот здравствен документ. Мажот е уапсен откако по осми пат се пријавил за вакцинација, а сега е во притвор.
„Лицето за тие вакцинирања од другите четворица осомничени, кои воедно ги искористиле неговите проблеми и околности во кои живее, добило ниска парична награда, а тие го навеле на кривично дело, не водејќи сметка за неговото здравје“,
вели словенечката полиција а пренесува Н1.
Здравствените власти засега не се огласија со коментар колку повеќекратното вакцинирање може да биде опасно и какви последици би имало тоа лице.
Првите случаи на слично лажирање на ковид-статусот во Словенија беа забележани во септември, кога во Љубљана беа пријавени повеќе случаи на луѓе, на кои им бил потребен ковид-сертификат, а не сакале да се вакцинираат, за тоа ангажирале други луѓе за пари.
Обично таа работа ја прифаќале сиромашни лица, бездомници или зависници од дрога, а за една примена доза вакцина им биле плаќани по 150 евра, пренесува Н1.