Во последните 24 часа, во Словенија се потврдени нови 745 случаи на заразени, што е за 16% намалување на неделно ниво и четвртина помалку од вчера
Поради подобрената епидемиолошка состојба, од утре во Словенија ќе бидат отворени границите на статистичките региони, од сабота ќе бидат отворени терасите и градините на баровите и кафулињата, а од понеделник ќе биде дозволено делумно отворање на хотелите за помал број на гости, соопшти денеска словенечката Влада.
Терасите и отворените делови од кафулиња ќе почнат со работа низ целата земја, а во трите статистички региони каде епидемиолошката состојба е подобра, гостите ќе можат да седат и внатре доколку ги примиле обете дози од вакцината против ковид-19 или го прележале вирусот.
Од понеделник ќе се отворат објектите за туристичко сместување, и тоа најмногу до десет соби, како и камповите.
Во регионите кои се во подобра состојба, или во т.н. „жолта“ фаза од епидемијата, туристичките објекти ќе можат да стават на располагање до максимум 30 соби, без оглед на тоа колкав е нивниот капацитет.
Покрај тоа, процесот на настава на факултетите повторно се отвора во целата земја, според „хибридниот“ модел и со антиепидемиски ограничувања, а се отвораат и студентски домови и музички училишта, изјави денеска на прес-конференција владиниот портпарол, Маја Братуша.
Во последните 24 часа, во Словенија се потврдени нови 745 случаи на заразени, што е за 16% намалување на неделно ниво и четвртина помалку од вчера, поради што Владата одлучи да ги релаксира мерките, бидејќи епидемиолошката состојба подолго време оди на подобро.
Братуша истакна дека епидемиолошката состојба е „ветувачка“, но дека во болниците сè уште има многу пациенти, иако има индикации дека и бројот на хоспитализирани наскоро може да почне да се намалува.
Директорот на Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ) Милан Крек предупреди дека состојбата во Словенија е сè уште полоша од европскиот просек по бројот на нови инфекции, како и според репродуктивниот број на ширење на инфекцијата, па затоа повика на внимателност за да не се влоши брзо.
Тој рече дека новите видови на коронавирусот се особено опасни.
Во последните 24 часа 11 лица починаа како последица на ковид. Епидемиолозите и препорачаа на Владата промена на стратегијата за вакцинација, според која оние што веќе биле заразени, односно прележале, да примаат само една доза од вакцината во иднина.
Државниот секретар во Министерството за здравство, Франц Виндишард, објави дека од следната недела почнува вакцинацијата со „Џонсон и Џонсон“. Досега, Словенија доби 7.200 дози од оваа вакцина, а наскоро се очекуваат уште 12 000.