Словенечкиот премиер Роберт Голоб ги повика трговците со нафта да разгледаат мерки и за странските државјани бидејќи сè полем број граѓани од Италија и Австрија полнат гориво во Словенија поради пониските цени. Трговците со нафта се должни и да ја известуваат Владата за состојбата на пумпите согласно што би се носеле дополнителни одлуки
Владата на Словенија донесе одлука за ограничување на точењето гориво на бензинските пумпи.

Според одлуката, физичките лица дневно може да точат по 50 литри, а правните лица, вклучително и оние што се занимаваат со земјоделство, по 200 литри гориво на ден. Одлуката стапи во сила денеска, а е донесена откако на голем број бензински пумпи низ земјата се појавија проблеми со снабдувањето со гориво.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб ги повика трговците со нафта да разгледаат мерки и за странските државјани бидејќи сè полем број граѓани од Италија и Австрија полнат гориво во Словенија поради пониските цени. Дополнително, трговците со нафта се должни да ја известуваат Владата за состојбата на бензинските пумпи согласно што би се носеле дополнителни одлуки. При транспорт на гориво активирана е и словенечката армија.
Проблемот со снабдувањето со гориво е најизразен на бензинските пумпи на компанијата „Петрол“, која изминативе денови беше мета на критики од премиерот Роберт Голоб.
„Секој може сам да види дека бензинот и дизелот се достапни главно на бензинските пумпи во сопственост на МОЛ. Ако МОЛ може да го направи тоа, според мене и ‘Петрол’ може да го постигне“,
рече Голоб.
„Петрол“ негира дека проблемот се појавил поради нивното несоодветно однесување, посочувајќи дека залихите на гориво се стабилни, како и дека повремените недостатоци се јавуваат поради зголемената побарувачка.
Инаку, словенечката влада во четвртокот донесе декрет според кој на автопатиштата се дозволени пазарни цени на горивата, додека надвор од нив тие остануваат намалени и контролирани.
