Зборувајќи за претседавачите на ЕУ, лавовскиот дел од работата е меѓу Скопје и Софија и во нашите директни преговори, изјави македонскиот претседател во Загреб
За Словенија немојте да имате никакви дилеми. Словенија не е Португалија. Словенија е еден од најдобрите адвокати за Западен Балкан во ЕУ. Таа има искуство со регионот, оцени денеска во Загреб македонскиот претседател Стево Пендаровски, на еден ден пред новата ротација на кормилото на ЕУ, што Словенија ќе го преземе од Португалија. Тој рече дека за време на Самитот „Брдо-Бриони“ разговарал на оваа тема со словенечкиот претседател Борут Пахор, кој сега доаѓа во Охрид.
„Во однос на словенечката влада, која оперативно ќе го води претседавањето во следните шест месеци, немаме апсолутно никакви дилеми дека ќе направи најдобро што може, што е во нивна компетенција. Меѓутоа, зборувајќи за претседавачите на ЕУ, лавовскиот дел од работата е меѓу Скопје и Софија во нашите директни преговори. Немам никакви сомнежи и контроверзи дека Словенците во однос на ова прашање – интеграцијата за Западниот Балкан, ќе бидат одлични претседавачи“,
рече Пендаровски одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
На прашање околу евентуално раздвојување на европскиот пат на Северна Македонија и на Албанија, Пендаровски нагласи дека не му се допаѓа одењето напред или назад во пакет или замрзнување на интеграциите во пакет.
„Не можам да видам ситуација во која ние во Скопје би имале морално право да кажеме ’немојте да ја примате Албанија или немојте да почнувате преговори со Албанија, затоа што треба заеднички да одиме’. Не постои ниту ќе има забелешка од Скопје за напредокот на Албанија кон ЕУ во ситуација кога очигледно поради еден билатерален спор сме замрзнати во оваа ситуација“,
рече Пендаровски.
Милановиќ, пак, оцени дека Северна Македонија и Албанија се држат пред вратата на Унијата на „безобразен начин“.
„Македонија и Албанија треба да почнат со преговорите што поскоро и тоа нема да биде лесно. Ваквите пораки што се испраќаат се обесхрабрувачки, дури и дискриминирачки“,
смета Милановиќ.
Пендаровски денеска пристигна во официјална посета на Хрватска, еден ден пред соседна Словенија да го преземе претседателството со Европската Унија. Процесот на проширување на ЕУ со Западен Балкан е меѓу приоритетите на словенечкото претседателство, како и одржливиот развој и закрепнување на Унијата по пандемијата.
Владата на Словенија утре ќе организира Колеџ на комесари во Брдо кај Крањ, предводен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, каде што ќе се разговара за програмата и приоритетите на словенечкото претседателство.
Приоритетите и целите на словенечкото претседателство, под слоганот „Заедно. Издржлива. Европа”, ќе бидат зајакнување на отпорноста, закрепнување и стратегиска автономија на Унијата, дебата за иднината на Европа, зајакнување на европските вредности со посебен акцент за владеењето на правото, како и развој на трансатлантските односи и продолжување на процесот на проширување на ЕУ.
Министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар, изјави дека Словенија ќе се фокусира на социо-економското закрепнување на Западен Балкан по пандемијата и одржливиот развој и напредок на земјите од регионот на нивниот пат кон ЕУ.
„Словенија го потенцира регионот (Западен Балкан) како еден од главните геостратегиски приоритети на ЕУ, затоа мора да ги зајакне своите активности, присуство и фондови за развој на регионот. Еден од најголемите предизвици на нашето претседателство ќе биде да најдеме доволно политичка волја, и во ЕУ и во регионот, да се решат дури и најтешките прашања во регионот на конструктивен начин“,
рече Логар во интервјуто објавено на веб-страницата на словенечкото претседателство.
Логар вели дека Словенија ќе им помага на земјите од регионот да се приближат до ЕУ, како во контекст на процесот на проширување така и преку реализација на проекти од областа на економијата, енергетиката, дигиталното и инфраструктурното поврзување.
Посебно внимание ќе се посвети на спроведувањето на Зелената агенда во регионот и проектите што се важни за постепената трансформација на земјите од Западен Балкан во одржливи и зелени економии.
Во Словенија, за време на нејзиното второ претседателство со ЕУ, ќе бидат организирани околу 190 настани, повеќето од нив во Брдо кај Крањ.
Словенија стана полноправна членка на ЕУ во 2004 година, по шест години преговори. Три години подоцна, Словенија стана членка на Шенген-зоната и на еврозоната.
Нејзиното прво претседателство со Унијата, во првата половина на 2008 година, беше обележано со подготовки за спроведување на Лисабонскиот договор, Самитот ЕУ-САД и почетокот на спроведувањето на иницијативата за Црноморска синергија. Во тоа време, и Косово еднострано прогласи независност.
Во следните шест месеци, Словенија ќе продолжи да ја спроведува програмата за тројно претседателство со ЕУ, која ја усвои со претходните две земји претседавачи, Португалија и Германија. Главната цел на таа програма е справување со пандемијата на коронавирусот и нејзините социјални и економски последици и развој на поотпорна ЕУ, која ќе биде подобро подготвена за решавање на кризите во иднина.