Прекумерната бавност на интеграцискиот процес, посочи словенечкиот претседател Борут Пахор, предизвика раст на национализмот и поттикна неприфатливи идеи за промена на границите во регионот. Затоа, тој предложи за проширувањето да се размислува како за најважно прашање кое стана особено важно по руската агресија врз Украина
Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска предложи промена на пристапот на Европската Унија кон Босна и Херцеговина, односно брзо доделување кандидатски статус на земјата, по што, како што посочи, ќе инсистира на спроведување на предусловите поставени од Европската комисија за БиХ во 2019 година.
Говорејќи во Сараево на отворањето на Сараевскиот бизнис-форум за перспектива за регионот, словенечкиот претседател рече дека на сите им е јасно оти политичката стабилност е предуслов за економски развој, а дека регионот на Западен Балкан останува област на политичка нестабилност.
Тој оцени дека на Западен Балкан постојано му се заканува нестабилност предизвикана од бугарската блокада на македонските преговори за членство во ЕУ, која се прелева и во Албанија, немањето напредок во преговорите меѓу Србија и Косово, но и внатрешните проблеми што ги има БиХ.
Прекумерната бавност на интеграцискиот процес, посочи Пахор, предизвика раст на национализмот и поттикна неприфатливи идеи за промена на границите во регионот.
Затоа, тој предложи за проширувањето да се размислува како за најважно прашање кое стана особено важно по руската агресија врз Украина.
„Го поддржувам забрзаниот пристап на Украина, но сакам и забрзан пристап кога станува збор за БиХ“,
рече Пахор додавајќи дека е неопходно да се искористи сегашниот момент и да и се помогне на БиХ бидејќи тоа е клучно не само за БиХ, туку и за стабилноста на регионот.
Во меѓувреме и Украина очекува да добие статус на кандидат за членство во Европската Унија до јуни.
А одбивањето за кандидатски статус ќе го смета за измама од Европа, изјави министерот за надворешни работи Димитро Кулеба во интервју за „Фајненшл тајмс“.
„Доколку не добиеме кандидатски статус, тоа значи само едно – дека Европа се обидува да нè измами. И ние тоа нема да го проголтаме“,
рече Кулеба.
Тој нагласи дека Украина во моментов е единственото место во Европа каде што луѓето гинат за вредностите на кои се заснова Европската Унија, додавајќи оти тоа треба да се почитува.