Според словачкиот претседател, земјата нема да продолжи со воена поддршка на Украина, нема да испраќа војници, ниту, пак, ќе учествува во гаранции за голем заем од Европската комисија
Словачкиот претседател Петер Пелегрини, премиерот Роберт Фицо и претседателот на парламентот Ричард Раши го потврдија единството во клучните прашања од надворешната и од внатрешната политика, односно се согласија дека земјата веќе нема да ѝ дава воена поддршка на Украина и нема да испраќа војници. Овој став го заклучија по нивниот заеднички ручек што викендов се одржа во палатата „Братислава“.

„Улогата на тројцата највисоки уставни функционери е да испратат сигнал дека може да се води културна политика и културен дијалог и дека тројцата највисоки уставни функционери мора да најдат заеднички ставови и заеднички одлуки во корист на Словачката Република“,
рече Пелегрини.
Според него, тие се обединети во ставот за американската воена кампања во Венецуела, која ја сметаат за грубо кршење на меѓународното право. Смета и дека Словачка треба да има свој претставник на таканаречената коалиција на добронамерните преговори.
Посочи дека земјата нема да продолжи со воена поддршка за Украина, нема да испраќа војници, ниту, пак, ќе учествува во гаранции за голем заем од Европската комисија.
„Не би сакал Словачка да трча наоколу како ранета срна во оваа криза низ која поминува Европската Унија и да стане жртва на значајни промени што можат да се случат во Европа“,
кажа тој.
Фицо, пак, смета дека е важно Словачка да дејствува суверено во Европа и во светот.
„Сакам да ја повикам целата владејачка коалиција, без оглед на тоа што имаме внатрешни конфликти и спорови, да се обедини сега и да претстави силно, храбро и суверено државно водство кое ќе ја заштити Словачка во овие тешки времиња“,
вели словачкиот премиер.
Според него, кога станува збор за суверенитетот и безбедноста на Словачка, мора да дејствуваат заедно.
„Доколку опозицијата е подготвена да биде дел од оваа кампања во корист на Словачка, тоа ќе биде добредојдено“,
рече Фицо.
И словачкиот претседател на парламентот смета дека тројцата највисоки уставни функционери можат да се договорат за решавање на сериозни проблеми што се однесуваат на земјата, без разлика дали станува збор за надворешна политика или за внатрешни прашања.
Инаку, Словачка беше една од најверните поддржувачи на помошта за Украина.
