Словачкиот премиер Роберт Фицо најави дека ќе го блокира 20-тиот пакет санкции и брзиот влез на Киев во Унијата доколку не се нормализира транзитот, притоа обвинувајќи ја Европската комисија за пасивност
Словачкиот премиер Роберт Фицо упати остри закани дека ќе стави вето на новите санкции на Европската Унија кон Русија, но и дека ќе го блокира евроинтегративниот пат на Украина, а како причина за ваквиот чекор го наведувуа прекинот на испораката на нафта преку нафтоводот „Дружба“, состојба која трае веќе два месеца откако Киев го стопираше транзитот.
„Ако Европската комисија и даде предност на Украина во однос на Словачка, може да заборави на поддршката за 20-тиот пакет санкции кон Русија или на нашата подготвеност да соработуваме во (спроведувањето на плановите) за брз пристап на Украина во ЕУ“,
напиша тој.

Преку видеообраќање на социјалната мрежа Фејсбук, Фицо директно ја прозва Европската комисија за неактивност во овој спор, обвинувајќи го Брисел дека не презема апсолутно ништо за да го принуди украинскиот претседател Володимир Зеленски да го нормализира транзитот на нафта кон Централна Европа. Фицо го оквалификува прекинот на нафтата како втор отворено непријателски и економски штетен потег на Зеленски против Словачка, потсетувајќи на претходниот прекин на транзитот на руски гас. Според неговите проценки, доколку испораките преку „Дружба“ продолжеа непречено, Словачка и целиот регион на Централна Европа ќе избегнеа тешка економска ситуација и драстично зголемување на цените на горивата.
„Ги регистрираме изјавите на украинскиот претседател дека тој апсолутно нема интерес за обновување на транзитот на руска нафта“,
кажа тој.
Од друга страна, официјален Киев континуирано тврди дека инфраструктурата на нафтоводот била оштетена при руски напад уште во јануари годинава.
