Словачкиот премиер постојано ги нарекува плановите на ЕУ за запирање на протокот на руски гас „самоубиство“ и тврди дека прекинот на транзитот ќе ја чини Словачка до 500 милиони евра годишно
Словачка ќе поднесе тужба против одлуката за забрана за увоз на руски гас што Европската Унија (ЕУ) ја донесе со квалификувано мнозинство, изјави денеска премиерот на земјата Роберт Фицо.

Вчера, земјите членки на ЕУ дадоа конечно одобрение за забраната за увоз на руски гас до крајот на 2027 година, на што отворено се спротивставија две од членките на Унијата – Словачка и Унгарија.
Како што пренесе ХРТ, решението забраната да биде донесена со квалификувано мнозинство, а не со консензус, е донесено смислено, со цел да се надмине отпорот од двете земји членки на ЕУ, кои во голема мера се зависни од руската нафта и гас и сакаат да зачуваат блиски врски со Москва.
Унгарија соопшти дека ќе ја оспори одлуката пред Европскиот суд на правдата (ЕСП), а словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека неговата ќе поднесе сопствена тужба и ќе се координира со својот сосед.
„Ќе се спротивставиме на кршењето на принципите на субсидијарност и пропорционалност“,
изјави Фицо на прес-конференцијата.
Тој не кажа кога Словачка ќе ја поднесе тужбата.
Европската Унија ѝ дава поддршка на Украина уште од почетокот на руската инвазија на земјата во февруари 2022 година и со забраната за увоз на енергенти од Русија сака целосно да им стави крај на изворите на финансирање на руската воена машинерија.
Од друга страна, Фицо, како и неговиот унгарски колега често ја критикуваат воената помош нод ЕУ за Украина.
Словачкиот премиер постојано ги нарекува плановите на ЕУ за запирање на протокот на руски гас „самоубиство“ и тврди дека прекинот на транзитот ќе ја чини Словачка до 500 милиони евра годишно.
Според договорот, ЕУ ќе го запре увозот на руски течен природен гас до крајот на оваа година, а гасот увезен преку цевководи до 30 септември 2027 година, со можно продолжување до 1 ноември 2027 година доколку некоја земја има тешкотии да го пополни својот капацитет за складирање со неруски гас пред зимата.
„Се надевам дека до (крајниот рок за забрана) војната ќе заврши и дека сите ќе се вразумиме“,
изјави Фицо.
