Премиерот одговараше на пратеничко прашање од пратеникот Скендер Реџепи од „Европскиот фронт“ во врска со употребата на јазиците и правичната застапеност. Реџепи обвини дека и покрај економската криза во државата, главна тема на Владата се нападите кон, како што рече, правата на Албанците кои им следуваат согласно со Уставот
Не ми пречи мене ниту албанскиот ниту кој било јазик на светов. Не знам зошто се вознемирувате. Но, според Уставот – официјален јазик во оваа држава на целата територија е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на пратеничко прашање од пратеникот Скендер Реџепи од „Европскиот фронт“ во врска со употребата на јазиците и правичната застапеност. Реџепи обвини дека и покрај економската криза во државата, главна тема на Владата се нападите кон, како што рече, правата на Албанците кои им следуваат согласно со Уставот, како и употребата на албанскиот јазик.
„Во последните денови се отвори прашањето дали министрите и владата треба да имаат преведувачи Албанци или македонскиот јазик треба да биде задолжителен јазик за сите граѓани“,
рече пратеникот Реџепи.
Во одговор до пратеникот, премиерот Мицкоски рече дека нему лично не му пречи ниеден јазик, но дека според Уставот, македонскиот е официјален јазик на целата територија на државата.
„Има дополнување во следниот член, потоа има дополнување за единиците на локалната самоуправа каде што има етнички заедници над 20 проценти и кои го користат својот мајчин јазик. Мене апсолутно не ми пречи, слободно да си го користите албанскиот јазик. Дури и се трудам да го учам и да го научам, отворено ќе ви кажам. Се надевам дека за некоја година од денеска и јас нема да мора да ги користам слушалките кога зборувате на албански јазик вака грлато, кога мислите дека некој може да се уппаши од тоа, ќе можам да го разберам“,
рече Мицкоски.
Премиерот се осврна и на настанот од Тетово од пред неколку дена, кога министерката за образование и наука Весна Јаневска со несоодветен тон од новинар беше прашана дали со себе носи преведувач на албански јазик.
„Ако алудирате на прашањето на новинарот кон министерката за образование пред некој ден, тоа е сосема нешто друго. Прво беше непристојно на дама така некој да ѝ се обрати, без разлика дали е тоа на албански или на македонски. Второ, жената е ожалостена бидејќи сопругот ѝ почина неодамна и не е добро така некој да ѝ се обраќа. Треба барем тие елементарни работи да се почитуваат, човечки е. И наместо да се извини, тоа младо момче продолжи со објаснување. Да се вратам на првата тема, никој нема против да го користите албанскиот јазик, ако сакате зборувајте и на англиски јазик, германски или француски јазик. Но треба да се знае дека официјален јазик во оваа држава, како и за меѓународна употреба е македонскиот јазик“,
рече премиерот.
Говорејќи за законот за правична застапеност, Мицкоски рече дека очекува наскоро и ова законско решение да се најде пред пратениците откако ги поминало сите филтри, вклучително и Венецијанската комисија.
„Со препораките од Венецијанската комисија законот ќе биде донесен во парламентот, поминат е на Влада и се надевам дека ќе го поддржите. Но овој е уставен, не е неуставен како оној со кој вие, односно коалицијата на која и припаѓате ги лажеше Албанците повеќе од 20 години“,
додаде тој.
