Словенија ќе дозволи слободен влез без карантин за сите оние што се вакцинирани против ковид. Словенечката влада направи неколку измени во врска со рестриктивните мерки на границата, вклучително и дозволен влез на нејзина територија без карантин за лица што се имунизирани со вакцините „спутник В“ и на компанијата „Џонсон и Џонсон“, под услов да ја примиле првата доза пред најмалку 21 ден, објави новинската агенција СТА.
Влезот без карантин или бесплатен ПЦР-тест веќе важи за луѓето што ќе покажат документ дека се вакцинирани со „Фајзер“, „Модерна“ или „Астра Зенека“.
На владината седница е одлучено, исто така, времето на транзит низ Словенија да се зголеми од шест на 12 часа, а на листата се додадени и причини поради кои луѓето можат да влезат итно во државата без карантин или бесплатно да се тестираат на граница.
Учениците над 15-годишна возраст, кои секој ден ја минуваат границата и лицата што ги носат на училиште, веќе нема да мораат да се тестираат на неделно ниво, доколку веднаш се вратат во Словенија откако ќе ги остават учениците во соседната земја.
Без карантин или со негативен ПЦР-тест во претходните 72 часа во Словенија можат да влезат лица од Европската Унија, доколку работат како чувари или домашни помошници кај луѓе што имаат потреба од помош или, пак, работат на одржување на приватен имот што го поседуваат, изнајмуваат или го користат.
