Руската пандемија првпат се појави во пролетта 1889 година во денешен Узбекистан. Се рашири низ светот во три брана во текот на три години, со карактеристично губење на чувството за мирис и вкус, како кај ковид-19
Поради можните нови соеви, од клучно значење е да се продолжи со вакцинацијата за да се спречи појавата на нови, мутирани соеви
Никој не знае уште колку ќе трае пандемијата. Бројот на заразени со коронавирус опаѓа, но погрешно е да се мисли дека пандемијата е завршена, велат експертите.
Неодамнешниот пад на бројот на заразени значи дека најверојатно ќе започне периодот што може да се опише како „ставање под контрола“ на вирусот, но „ова не е исто што и крајот на пандемијата“, вели д-р Ерик Топол, професор по молекуларна медицина на Истражувачкиот институт „Стрипс“ во Сан Диего.
„Кога политичарите велат дека треба само да продолжиме да живееме со вирусот и да ги укинеме сите ограничувања, луѓето за жал тоа го толкуваат како знак дека пандемијата е завршена – засекогаш“,
вели д-р Топол во интервју за „Лос Анџелес тајмс“, објавено минатиот месец.

Тој додава дека таквото размислување е обична фантазија бидејќи е можно да се бориме со вирусот уште со месеци, па и со години.
Што нè учи историјата
Неодамнешната историја ни покажа дека пандемиите може да траат неколку години. Пандемијата на шпански грип од 1918 година траеше три години, а нејзиниот четврти бран во 1920 година беше посмртоносен за некои американски градови од попознатиот втор бран во 1918 година, напиша Џон Бери, автор на „Големиот грип: Приказната за најсмртоносната пандемија во историјата“.
Научниците неодамна почнаа да ја проучуваат пандемијата на „рускиот грип“ од 1889 година за да најдат индиции за тоа како сегашната пандемија на ковид може да се развие, бидејќи се сомневаат дека е предизвикана од коронавирус, а не од вирус на грип.
Има сличности меѓу двете пандемии. Руската пандемија првпат се појави во пролетта 1889 година во денешен Узбекистан. Се рашири низ светот во три брана во текот на три години, објаснува епидемиологот д-р Џорџ Радерфорд од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.
„Грипот е специфичен по тоа што најтешко ги погодува многу младите и многу старите луѓе, додека рускиот грип ги погодил само постарите“,
додаде д-р Радерфорд.
Она што е интересно, според него, е што симптомите специфични за пандемијата од 1889 година беа губење на чувството за мирис и вкус, како кај ковид-19.

Во сеопфатниот извештај на научникот Харолд Брусов, објавен минатиот март во списанието „Microbial Biotechnology“, се наведува дека е извесно дека периодот на зголемени смртни случаи поврзани со ковид-19 би можел да трае подолго од пет години.
Пандемијата од 1889 година пристигна во Англија и Велс една година подоцна, и до 1892 година предизвика голем број смртни случаи. Во текот на следните две години, бројот на смртни случаи опадна, но „сè уште беше значително поголем отколку пред пандемијата“.
„Од овие податоци може да се види дека оваа пандемија, слична на пандемијата на ковид, траела пет години, што значи дека со ковид може да се бориме и по 2022 година доколку кампањите за вакцинација не го променат ‘природниот’ тек на вирусот“,
напиша Брусов додавајќи дека „сè уште не е јасно дали текот на оваа пандемија ќе биде сличен на оној од пред 140 години“.
Тој потенцира дека е важно да се споменат многубројните разлики помеѓу пандемијата на руски грип и пандемијата ковид-19: за време на „руската“ пандемија, маските се користеа помалку, карантинските мерки беа ретки, а вакцините не беа достапни.
Подготвени за најлошото сценарио
„Сè уште постои можност вирусот да мутира, да стане поопасен и да го заобиколи имунитетот создаден од вакцините и инфекциите од минатото. Затоа е важно да се биде подготвен за најлошото сценарио, неопходно е да се следат нови скокови на бројот на заразени, да се следи вирусот во отпадните води, да се подобрат системите за вентилација и да се создаде вакцина за сите видови на вирусот“,
вели д-р Топол.

Поради можните нови соеви, од клучно значење е да се продолжи со вакцинацијата за да се спречи појавата на нови, мутирани соеви.
„Имаме милијарди невакцинирани луѓе во светот кои немаат заштита од претходни инфекции“,
вели д-р Топол.
Тој додаде дека „кога вирусот не се контролира, како што е случајот сега, шансите за нови соеви се зголемуваат“.
Експертите сè уште го проучуваат BA.2, подвид на сојот омикрон познат како „стелт“.
BA.2 е веројатно полесен за пренос од главниот подтип BA.1, а има извештаи дека предизвикува потешки симптоми, вели д-р Радерфорд. Но, BA.2 е одговорен за релативно мал процент на заразени во светот.
„Во моментов, не изгледа дека BA.2 ќе прерасне во голема закана, но не треба да бидеме изненадени ако во наредните месеци се појави нов вид кој ќе добие своја буква од грчката азбука“,
напиша д-р Топол.