„Поради тоа што за подлабоките изгореници, не е само трансплантација на кожа која ќе се направи…, туку и лузните што остануваат на тие места може да предизвикаат одредени контрактури на зглобовите. И физикалната терапија е многу важна тука, да работи заедно со нас за да имаме подобри и понамалени компликации“, вели Ѓоргиевска-Павловска

фото: „360 степени“
Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека изгорениците на повредените во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани се од втор и од трет степен, и тоа на главата, вратот и на рацете, а дел од пациентите имаат изгореници и на дишните патишта.
„Првично, кога се јавија утрото во неделата, тоа што го видовме, беа брза евалуација на степенот на изгореници и многу малку беа од полесен степен. Најголем дел беа втор и подлабок, трет степен на изгореници, што веќе се покажува и со понатамошните преврски што ги имаме кај нас. Кај сите пациенти беше направена и бронхоскопија, каде што се најдоа и изгореници и налепи од некој материјал во самите дишни патишта, и плус токсиколошкиот дел, вдишувањето на јаглерод моноксид мислам дека дејствувало уште полошо од самите изгореници на пациентите. Практично, беше соопштено дека жртвите починале како резултат на задушување“,
рече примариус д-р Ѓоргиевска-Павловска.
Според неа, следува посложен тек на лекувањето со трансплантација на кожа, третман на лузни и физикална терапија.
„Излеговме храбри и одлучни на првиот предизвик што го имавме, а тоа беше на првиот ден во неделата, кога се екипиравме и ја дадовме првата помош, сите преживеани деца да бидат уште живи, се даде соодветна терапија, третман во првите часови од повредите, за кои сите сме благодарни на целиот тим, и медицински и немедицински персонал, кој беше на клиниката. Да не кажам за половина час 70 отсто веќе беа на работни места. Тоа лечење ќе трае подолго. Месеци и години. Поради тоа што подлабоките изгореници, не е само трансплантација на кожа која ќе се направи во првите денови, или, да кажам, понатамошниот третман, туку и лузните што остануваат на тие места може да предизвикаат одредени контрактури на зглобовите… И физикалната терапија е многу важна тука, да работи заедно со нас за да имаме подобри и понамалени компликации“,
вели Ѓоргиевска-Павловска.
На прашањето дали медицината е отидена доволно напред за на овие млади луѓе да не им останат последици за цел живот, кои ќе ги фрустрираат во секојдневието, директорката рече дека „има протоколи по кои и ние одиме како и целиот свет“.
„Секако дека ние и досега ги работевме, само тие беа спорадични случаи кои сме ги имале, еден или двајца, значи ваков налет на изгореници, од 130-140 наеднаш, ниедна земја нема добиено. Ќе има некои поголеми, да кажам, подолгорочни третмани на тие пациенти, но секако дека во естетиката веќе сме во тек со времето, во повисок дел, каде што решавањето на тие компликации би било на светско ниво, со нивните стандарди, бидејќи има протоколи по кои и ние одиме како и целиот свет. Има протокол за изгореници, така што и ние ги следиме и сме во тек. Сè што има светот и ние го имаме“,
вели Ѓоргиевска-Павловска.