Да се престојува во разладени простории, да се избегнува излегување помеѓу 11 и 17 часот, да се консумираат доволно течности се само дел од препораките со кои излезе Министерството за здравство по прогнозите за пораст на температурите во следните денови

Министерството за здравство (МЗ) информираше дека според најновата прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од утре до 13 август се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат до 39 степени.
Затоа Министерството апелира да се почитуваат општите препораки за заштита на населението од високи температури:
- Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11:00 до 17:00 часот
- Внесувајте доволно течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалоци
- Носете лесна, светла облека и користете заштита за глава и очи
- Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот
- Посветете внимание на деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури
- Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош
- Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот
- Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот
Оттаму велат дека внимателно ја следат состојбата на дневна основа и ќе постапува согласно проценките и потребите.