Министерот Мухамед Хоџа ги повика сите институции, експерти и граѓански организации да земат активно учество во дебатата
Министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа најави дека следниот месец ќе биде отворена широка јавна расправа за новиот Закон за заштита на природата.

„Веднаш по објавувањето на нацрт законот на ЕНЕР, ќе го побараме вашиот придонес, за да донесеме квалитетно решение. Да воведеме поефикасни механизми за зачувување на нашите екосистеми, вклучително и шумите – еден од најзначајните природни ресурси“,
порача министерот за животна средина.
Хоџа ги повика сите институции, експерти и граѓански организации да земат активно учество во дебатата.
„Со новиот закон за природа, кој веќе следниот месец ќе биде ставен на јавна расправа, ќе ја зајакнеме заштитата и одржливото користење на природните вредности и биодиверзитетот“,
порача министерот.
Во февруари годинава организацијата „Еко свест“ заедно со уште 14 граѓански еколошки организации јавно ги повика Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање итно да донесат нов закон за природата кој ќе ги реши недостатоците во постојното законско решение. Порачаа дека секое одложување на новиот закон ќе придонесе кон уназадување на природата, која веќе е во загрозувачка состојба.
