Адвокатот Ќатоски смета дека во времето додека трае постапката ѝ се прави штета на Академијата затоа што доколку тужбата биде прифатена, а изборот на директорка на АСЈО оспорен, тогаш некој ќе треба да им се извини на кандидатите што деновиве полагаат испити
Во образложението што го дадоа полномошниците на Академијата за судии и јавни обвинители рекоа дека наводите во тужбата се неосновани затоа што гласањето било јавно
Одлуката по тужбата од судијата во Основниот кривичен суд Скопје и кандидат за директор на Академијата за судии и јавни обвинители, Ненад Савески, поднесена од полномошникот Глигорие Ќатоски, а која се однесува на изборот за нов директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, ќе биде соопштена на 17. овој месец, кога ќе се знае дали изборот ќе биде поништен.
Ова денеска на судењето го соопшти судијката во Управниот суд, Ана Герасимовска, откако претходно го одбија барањето на Ќатоски на јавната расправа да се изведе репродукција на видео и аудиоснимка од седница на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) и заеднички да се споредуваат со писмените известоци што се доставени од АСЈО. Исто така, судот го одби и барањето на тужителот Академијата да му достави примерок од аудио и видеоснимка.
За причините за одбивањето на овие барања, судијката рече дека ќе се произнесат во писмено изработената одлука.
Треба да има јавно гласање, а не само седницата да биде јавна
Освен барањето одлуката за избор на директор на Академијата да биде поништена, Ќатоски во тужбата бара и привремена мерка – суспендирање на одлуката за избор на Ирина Трајкоска-Стрезоски.
Тој смета дека во времето додека трае постапката се прави штета на Академијата затоа што доколку тужбата биде прифатена и изборот на директорка на АСЈО е оспорен, тогаш некој ќе треба да им се извини на кандидатите што деновиве полагаат испити.
На денешното судење Ќатоски во образложението рече дека на седницата на Управниот одбор треба да има јавно гласање, а не само седницата да биде јавна со тоа што на неа ќе присуствуваат медиуми и ќе биде пренесувана.
„Нашето мислење е дека под јавно гласање треба да се подразбира и јавноста да е запознаена кој член на Управниот одбор за кој кандидат гласал и тоа соодветно да го образложи. Зошто? Затоа што согласно законите членовите на Управниот одбор врз основа на принципот на отчетност потоа се одговорни за донесената одлука. Доколку директорот си ја врши работата онака како што треба тогаш ќе ги соберат сите пофалби. Но, ако настане некој неуспех тогаш би биле подложни на сите критики“,
рече Ќатоски во изјава по завршување на судењето.
За време на судењето, Ќатоски рече дека имаат информации дека за време на седницата на Управниот одбор има 15 до 20 минути кога медиумите ја напуштаат седницата за да може да се договори начинот на гласање и оти тој временски период не е снимен. Затоа, рече тој, сакам да се изврши преслушување и споредување на снимките.
„Во доказна постапка ќе го изведам како доказ доставеното ЦД, судот при донесувањето на одлуката ќе го преслуша ЦД и доставениот линк и ќе изврши увид со преслушување на целиот аудио и видеоматеријал“,
рече Герасимовска.
На почетокот на судењето Ќатоски рече барањето да се изврши репродукција на видеоснимките го даваат за судот да може да го увиди начинот на гласање.
„Членовите на Управниот одбор се одговорни и мора да го оправдаат гласањето за секој член“,
рече Ќатоски.
Очекувањата на Ќатоски се дека одлучувањето на Судот ќе биде согласно Закон, објективно, непристрасно и додава дека е задоволен од тоа како течело судењето.
АСЈО: Поединечното и поименично гласање не е никаде наведено
Во образложението што го дадоа полномошниците на Академијата за судии и јавни обвинители рекоа дека наводите во тужбата се неосновани затоа што гласањето било јавно.
„Поединечното и поименично гласање не е никаде наведено. Гласањето се изведува истовремено и беше спроведено во истата просторија каде што беше седницата, а членовите на Управниот одбор не се повлекуваат од местата за да имаат дискреција. Листовите со заокружените кандидати беа оставени на маса и секој од присутните можеше да направи увид. Членовите седеа еден до друг, што говори за фактот дека гласањето не беше тајно“,
рече Ана Милчевска, полномошник на Академијата.
Со Милчевска, полномошник беше и Соња Мојсовска, која во образложението рече дека доколку се изрече времена мерка ќе запре со работа Академијата и побара Судот да ја одбие тужбата како неоснована.
„На 29.11.2024 година истечен е мандатот на членовите на Управниот одбор што ја донесоа оваа одлука, а нов се уште нема. Исто така и заменик-директорот има законска пречка затоа што пред назначувањето на директор тој ја извршуваше функцијата. Јасно произлегува дека ако биде издадена времена мерка АСЈО нема да има два од три најзначајни органи за управување и ќе остане со програмски совет што како стручен орган нема овластувања за раководење и управување со Академијата“,
рече Мојсовска.
Инаку, „360 степени“ веќе пишуваше за тужбата на судијата Ненад Савески, која е поднесена од полномошникот Глигорие Ќатоски, како и за основата на тужбата.
Директорката Ирина Трајкоска-Стрезоски беше избрана на седница на Управниот одбор кога таа имаше еден глас повеќе од противкандидатот Савески. Гласањето за нов директор, за разлика од минатиот избор во 2022 година, кога секој член на Управниот одбор јавно кажа за кого и зошто гласа, на последниот избор го немаше.
„360 степени“ побара мислење од новата директорка која рече дека при нејзиниот избор Управниот одбор постапил во рамките на законските и подзаконските акти.
По гласањето за Трајкоска-Стрезоски, од Државната комисија за спречување на корупција рекоа дека според нив, изборот не е направен согласно законската регулатива.