Во изминатата година и половина, како што рече министерот за транспорт, се работело на легализација на објектот на охридскиот аеродром, а сега е време за негова реконструкција
Следната недела започнува реконструкција на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид – најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во изминатата година и половина, како што рече министерот во поткастот на телевизијата Сител, се работело на легализација на објектот на охридскиот аеродром, а сега е време за негова реконструкција.
„До скоро беше нелегален објект – го имавме пред нас, но на хартија го немаше. Успеваме да го легализираме, што е срамно за државата, еден од двата аеродроми да го немаш на хартија. Тоа беше тежок процес затоа што треба да впишете цела инфраструктура. Но тоа е завршено и следна е реконструкцијата што ќе донесе повеќе летови и патници и очекувам туристичкиот дел да се насочи таму, а бизнис-делот да доаѓа во Скопје”,
изјави Николоски.
На последниот ден од минатата година, вицепремиерот и министер за транспорт објави дека по повеќе од 60 години, аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид е легализиран.
Во поткастот за Сител, Николоски оцени дека авиосообраќајот во изминатата година и половина е значително развиен, а најави дека во следните месеци се очекува да биде потпишан договор за директен лет од Саудиска Арабија до Скопје.
