Според најавите од претседателот на Собранието, Африм Гаши, се очекува пленарната седница за предлог-буџетот да се одржи на 9 декември

Собраниската Комисија за финансирање и буџет в петок ќе ја започне расправата по предлог-буџетот за 2026 година. Во меѓувреме, пратениците имаат рок да ги поднесат своите амандмани до понеделник, 10 ноември.
Според најавите од претседателот на Собранието, Африм Гаши, се очекува пленарната седница за предлог-буџетот да се одржи на 9 декември.
Во Буџетот за 2026 година вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, а вкупните расходи на 413,9 милијарди денари. Капиталните инвестиции се 40,5 милијарди денари или околу 650 милиони евра.
Економскиот раст е проектиран на 3,8 отсто, инфлацијата на 2,5 проценти, а проекцијата за буџетскиот дефицит за следната година е 3,5 отсто од БДП.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на 28 октомври, при презентирањето на предлог-буџетот, истакна дека тој ги опфаќа сите клучни политики со јасна цел забрзување на економскиот раст и постепена фискална консолидација.
Министерката нагласи дека Буџетот ќе се темели на реални проекции и дисциплинирано управување со јавните финансии:
„Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг“,
рече министерката.
На овој начин, според Димитриеска-Кочоска, ќе се обезбеди поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства.
