Следната недела ќе биде објавено кои целни групи ќе бидат опфатени и колкава ќе биде поддршката што граѓаните ќе ја добијат во следниот период, вели министерката Тренчевска
Следната недела треба да бидат објавени антикризните мерки за ублажување на последиците од енергетската криза, соопшти денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Министерката Тренчевска вели дека сè уште не се знае кои категории граѓани ќе бидат опфатени со мерките и дали ќе бидат делени ваучери или, пак, средствата за поддршка на граѓаните ќе им бидат уплатени на сметките, а додава дека е можно тоа да бидат и ваучери за купување на домашни производи.
„Во финалната верзија се мерките кои ќе значат поддршка на најранливата категорија на граѓани. Овие денови, до вторник, ќе ги финализираме заедно со министерот за финансии и економскиот тим на Владата. Следната недела ќе биде објавено кои целни групи ќе бидат опфатени и колкава ќе биде поддршката што граѓаните ќе ја добијат во следниот период се со цел да излеземе во пресрет на сите ранливи категории на кризата“,
изјави Тренчевска.