На Николај Хаџигенов, еден од лидерите на протестите кои ги предизвикаа парламентарните избори, Слави Трифонов се повеќе му наликува на Бојко Борисов. Според него, двајцата имаат диктаторски манири, а единствената разлика е во тоа што Борисов командите ги дава снимајќи се во својот џип, а Трифонов тоа го прави од својата канцеларија, на својот Фејсбук профил
„Исправи се! Мафијата надвор“, една од двете политички партии (втората е Демократска Бугарија), кои произлегоа од протестите, нема да го поддржи владиниот кабинет кој го предлага лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов.
Во интервју за Бугарското национално радио, Николај Хаџигенов, еден од лидерите на протестите, сега член на раководството на партијата која ја предводи поранешната правобвинителка Маја Манолева, истакна дека Слави Трифонов со своето поведение ја урива парламентарната република.
„Ние се откажуваме од учество во Фејсбук република, во телевизиска република, во шоу република. Благодарам, но тоа е нешто против кое се борам 12 години. Нема да дозволам тоа да продолжи. Коалицискиот совет реши да не го поддржи предлогот на Слави“,
изјави Хаџигенов од „Исправи се! Мафијата надвор“.
Според него, апсурдно е владата да се предлага преку социјалните мрежи. Нему тоа му наликува на, како што вели, диктаторското однесување на Бојко Борисов. Тој е разочаран, бидејќи очекувал Трифонов да постапи поинтелигентно.
„Очигледно е дека сум бил во грешка. Слави сака да си направи сопствен ГЕРБ и сите да носиме зелени гаќи, ако така решил суверенот. Единствената разлика од Бојко е во тоа што тој ги даваше командите снимајќи се во својот џип, додека Слави тоа го прави од својата канцеларија, од својот Фејсбук профил“,
рече Хаџијанев.
Со оглед дека Трифонов ја изгуби отворената поддршка за малцинска влада која ја доби во април, не само од протестните партии, туку и од бугарските социјалисти, шансите за одржување трети последователни избори во текот на оваа година се реални.
„Веројатно се движиме кон нови предвремени избори. Освен ако ГЕРБ не решат да ја поддржат владата на Слави Трифонов. Тогаш би можело да стане интересно“,
заклучи Хаџигенов во своето гостување на БНР.