Ексминистерот за финансии рече дека ниту тој ниту дополнителната заменик-министерка за финансии не биле консултирани при „кроењето“ на пакетот мерки
Владата треба да го преиспита сетот мерки што го презентираше вчера, затоа што голем дел од понудените решенија се несериозни, недоречени, непрецизни и конфузни, оцени професорот на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии, Трајко Славески, на денешната прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Славески рече дека ниту тој ниту дополнителната заменик-министерка за финансии не биле консултирани при „кроењето“ на пакетот мерки, за кои претходно расправаше Економско-социјалниот совет на Владата.
„Овој сет мерки треба да се преиспита за да се намали ударот врз граѓаните и стопанството и да се зголеми сериозноста за справување со економските последици од кризата со коронавирусот. Веќе рековме дека мерките доцнат, а стопанството е изложено на ризик. Ние уште на почетокот на март предупредивме дека треба да се преземат чекори за амортизирање на надоаѓачката рецесија“
рече Славески.
Тој нагласи дека мерките на Владата се непрецизни и конфузни, затоа што, како што посочи, не постои претпријатие на кое му е јасно како ќе бидат помогнато од државата. Тој исто така ѝ забележува на Владата дека не излегла со конкретни показатели колку субјекти, односно претпријатија, ќе можат да ги искористат мерките.
„Нашите проценки се дека бројот на субјекти е многу мал. Најпогодените дејности нема да можат да ги искористат мерките, како што се претпријатијата од областа на угостителство и туризмот со над 33 илјади вработени, како и дел од трговците кои сега не работат. Нема помош ниту за самовработените и за занаетчиите“,
рече Славески посочувајќи дека, сепак, дел од мерките се прифатливи
Тој повторно ги презентира предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои рече дека се реални и поволни. Еден од предлозите е исплатата на фирмите да почнат да се реализираат уште со мартовската плата, а не за април, како што планира Владата, затоа што тоа би значело дека парите ќе стигнат дури во првата половина на мај. Има, рече Славески, граѓани кои не знаат дали ќе можат да ги покријат потребите за уште неколку дена, доколку пресушат редовните извори на финансирање. Владата, посочи Славески, предлага компаниите да продолжат да плаќаат придонеси и персонален данок, иако треба да се стави мораториум за тоа во наредните месеци, затоа што во спротивно станува бесмислена мерката за исплата на минимална плата.
Славески ја посоветува Владата да го прифати и предлогот за пренасочување на дел од придонесот од приватните пензиски фондови во државниот фонд, од каде што се исплаќаат речиси сите корисници на пензии. Тој наведе примери од неколку европски земји кои постапиле на сличен начин за време на глобалната рецесија, како Естонија, која на две години ја суспендираше уплатата во приватните фондови; Унгарија, која ги национализираше приватните фондови; Словенија, која никогаш не воведе задолжителен втор столб…
„Не гледаме ниту вонредна програма за прераспределба на средствата од буџетот, додека Владата и во март продолжи да троши како ништо да не се случува. Потребна е прераспределба на средствата во буџетот, така што ќе се предвидат повеќе пари за здравството, а помалку за непродуктивни трошоци во сите институции. Исто така, треба да се забрза реализацијата на капиталните проекти за кои се обезбедени финансии, со цел да се зголеми економската активност“,
нагласи Славески.