Овој чекор значи дека плаќањата во евра кон земјите од Европската Унија и другите членки на СЕПА ќе се одвиваат на ист начин како и во ЕУ

Од утре земјава и практично станува дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), што претставува голема поволност за граѓаните и компаниите.
Овој чекор значи дека плаќањата во евра кон земјите од Европската Унија и другите членки на СЕПА ќе се одвиваат на ист начин како и во ЕУ.
Најголемата придобивка е значително намалување на трошоците за трансфер.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, денеска на платформата Икс објави дека плаќањата во евра ќе бидат околу шест пати поевтини и побрзи.
„Плаќање од 500 евра кое досега чинеше околу 1 600 денари, од утре ќе чини околу 260 денари. СЕПА значи побрзи, поевтини и посигурни плаќања во евра за граѓаните и компаниите“,
напиша Славески.
💶 Од утре, 7 октомври, плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) ќе бидат околу 6 пати поевтини и побрзи!
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) October 6, 2025
Плаќање од 500 € кое досега чинеше околу 1.600 денари, од утре ќе чини околу 260 денари.#СЕПА значи побрзи, поевтини и посигурни…
Со приклучувањето во СЕПА, домашните банки добиваат можност да се вклучат во платежните шеми кои ги извршуваат плаќањата во евра во географскиот опсег од 40 земји-членки.
С Македонија ја почна својата подготовка за членство во Единствената област за плаќања во евра во 2013 година со Националната стратегија за развој на платни системи, а во 2023 година беше усвоена нова правна рамка која даде основи за наше пристапување кон СЕПА. Во април 2024 година земјава ја поднесе до Европската комисија предапликацијата за СЕПА, а на 10 јули истата година и официјалната апликација.
Апликацијата на Северна Македонија беше прифатена од Европскиот совет за плаќања на 6 март годинава, со што се официјализираше членството во СЕПА.
Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) е иницијатива на Европската банкарска и платежна индустрија претставувана од Европскиот совет за плаќања, поддржана од Европската комисија и другите институции на ЕУ за зголемување на ефикасноста на плаќањата во еврa и натамошен развој и продлабочување на заедничкиот европски пазар. Востановена е во 2008 година, а целосно имплеменетирана во 2014 година.