Славески, повикувајќи се на Законот за Народната банка, рече дека одлуките на Советот се легитимни иако е истечен мандатот на двете вицегувернерки Ана Митреска и Емилија Нацевска

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, не чувствува одговорност и нема да поднесе оставка од функцијата.
Изјавата на Славески доаѓа откако вчера од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) го обвинија дека тој незаконски го блокира изборот на нови вицегувернери чиј мандат истекол уште минатата година.
Славески, повикувајќи се на Законот за Народната банка, рече дека одлуките на Советот се легитимни иако е истечен мандатот на двете вицегувернери Ана Митреска и Емилија Нацевска. Тој очекува парламентот во следните денови или на почетокот на идниот месец на дневен ред да го стави изборот на новите вицегувернери.
„Прочитајте го став 3 од член 55 од Законот за Народна банка каде стои дека сè до изборот на нови вицегувернери, постојните ги имаат сите овластувања. Ова прашање е апсолвирано. Чекаме на парламентот во следните неколку денови, можеби на почетокот на април, да го стави на дневен ред прашањето за вицегувернери на Народната банка“,
изјави Славески во одговор на новинарско прашање за тоа дали се легитимни одлуките на Советот имајќи предвид дека е истечен мандатот на двајцата вицегувернери.
Славески не ги откри имињата на кандидатите за оваа функција и рече дека тие се веќе во Собранието. Дел од медиумите објавија дека станува збор за досегашната вицегувернерка Ана Митреска, која ќе добие втор мандат, и за Игор Величковски, директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи.
Од СДСМ вчера рекоа дека законските рокови за нов избор на вицегувернери се веќе пробиени.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, посочи дека директно е прекршен член 55 став 1 од Законот за Народна банка бидејќи крајниот рок за избор, 22 декември 2025 година, е поминат.
Од Народната банка одговорија дека предлозите за вицегувернери, по завршувањето на јавниот повик и во согласност со законските процедури, се доставени до Собранието и во оваа фаза, постапката за избор е во надлежност на Собранието.
