По потпишувањето на свечената изјава, Славески во изјава за медиумите вети дека ќе ја оправда довербата која му е дадена, а оние кои имале забелешки за неговиот избор, како што рече, ќе ги убеди во спротивното – дека Народна банка на РСМ била и ќе остане независна институција
Новоименуваниот гувернер на Народната банка на РСМ, Трајко Славески, претпладнево даде свечена изјава пред собранискиот претседател Африм Гаши во Охридската сала во парламентот, откако доцна синоќа законодавниот дом го именуваше за нов гувернер со 68 гласа „за“ и 16 „против“.

„Изјавувам дека функцијата гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно и ќе го почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“,
рече Славески и ја потпиша свечената изјава.

По потпишувањето на свечената изјава, Славески даде изјава за медиумите. Вети дека ќе ја оправда довербата која му е дадена, а оние кои имале забелешки за неговиот избор, како што рече, ќе ги убеди во спротивното – дека Народна банка на РСМ била и ќе остане независна институција.
Како гувернер на Народната банка, Славески рече дека ќе се фокусира на суштинските функции на институцијата – ниска и стабилна инфлација, финансиска стабилност и поддршка на политиките на владата.
„Се разбира, законските надлежности на народната банка се дефинирани, тоа е ценовната стабилност што за Република Македонија би значело ниска и стабилна инфлација и финансиска стабилност, се разбира, кои ќе бидат поддршка на амбициозните политики на Владата на Република Македонија, затоа што и една друга цел или задача на Народната банка е да ги поддржува политиките на Владата. Тоа ќе бидат основните приоритети“,
рече Славески во изјава за медиумите.
Именувањето на Трајко Славески за гувернер на централната банка вчеравечер во Собранието го поддржаа 68 пратеници кои гласаа „за“, додека 16 беа „против“. Гласањето дојде неколку минути пред полноќ, а му претходеше неколкучасовна расправа со низа реплики и контрареплики меѓу пратениците кои изнесоа различни ставови за предлогот Славески да ја води Народната банка.