Според него градоначалничката Аровска веќе ќе ја нема онаа комоција која што ја имала до сега со поддршката од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата
Славески вели дека во партијата сѐ уште не разговарале за можноста да побараат нејзина оставка, но додаде дека ако се испостави дека имало прекршоци од страна на Арсовска во тој случај партијата можеби ќе бара интервенција на правосудните органи
По неколкумесечно следење на активностите на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска од страна ВМРО-ДПМНЕ донела став дека нејзиниот перформанс е далеку од очекувањата, изјави претседателот на Советот на Град Скопје и член на Извршниот комитет на опозициската партија, Трајко Славески во емисијата „Топ Тема“ на телевизија „Телма“.

Тој нагласува дека градоначалничката не воспоставила комуникација која е природна помеѓу градоначалник и претседател на совет, потврдувајќи ги аргументите на екс-директорите за односот на Арсовска кон соработниците.
Претседателот на Советот на Град Скопје вели дека во партијата сѐ уште не разговарале за можноста да побараат нејзина оставка, но додаде дека ако се испостави дека имало прекршоци од страна на Арсовска во тој случај партијата можеби ќе бара интервенција на правосудните органи.
„Не сме разговарале за оставка во партијата, но ако се испостави сега дека има прекршоци од страна на градоначалникот Арсовска во смисла на антидатирање на документи како што е истакнато на прес-конференции итн, понатаму ако се испостави дека упадот во процесот на избор на најповолен понудувач, протекувањето на информации во некој медиуми два дена пред отворање на понудите, тоа е сериозна работа, во тој случај по закон може да бараме примена на законот, интервенција на органите на правосудството а тоа значи дека ќе има посериозни консеквенци. Како претседател на советот, како и до сега се трудам и ќе обезбедам оние прашања и проекти што се во интерес на скопјани, некој што ние заедно работејќи на програмата минатата година сме ги поддржале и предложиле, ќе ги поддржуваме и понатаму,
вели Славески.
Според него градоначалничката Аровска веќе ќе ја нема онаа комоција која што ја имaла до сега со поддршката од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Инаку, на прашање на „360 степени“ во какви односи е со градоначалничката Арсовска, вчера претседателот на Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, рече дека „комуникацијата е службена“и дека досега немало случај Арсовска да го повика и консултира за некои прашања.
Тој ни одговори и дека не размислува да си поднесе оставка од функцијата во Град Скопје, а во контекст на актуелните разрешувања на функционери и директори на јавни претпријатија кои се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тамам работа. Не сум во таква ситуација“,
ни изјави Славески.
Инаку, од понеделникот неделава има наплив на разрешувања од градоначалничката Арсовска на директори на јавни претпријатија кои доаѓаат од редовите ВМРО-ДПМНЕ.
Разрешени се генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински, како и директорите на градските јавни претпријатија „Градски паркинг“ и „Дрисла“.
