„Јас сум многу задоволен од денешниот одзив на граѓаните и ценам дека така ќе биде утре. Ако оцениме дека има потреба, ќе продолжиме уште два дена со скрининзите. Целта е да ги прегледаме сите тие граѓани коишто мислат дека треба да поминат низ тој скрининг“, изјави министерот за здравство Азир Алиу во вечерашното гостување во „Дневникот“ на ТВ Сител
Вкупно 111 граѓани ги поминале прегледите на лекарските екипи на првиот ден од медицинскиот скрининг на жителите на скопско Трубарево и околните места по големиот пожар во објект на фирма за третирање електронски отпад, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.

Од нив, 11 ќе продолжат со натамошни прегледи на Универзитетската клиника за пулмологија, додека за другите било констатирано дека нема потреба од понатамошни третмани и прегледи, рече Алиу во вечерашното гостување во „Тема на денот“ во централниот „Дневник“ на телевизија Сител.
Како што додаде министерот, одговарајќи на прашање, станува збор за повозрасни лица.
„Единаесет граѓани ќе продолжат понатаму со постапката на Клиниката за пулмологија бидејќи цениме дека таму треба да се направат дополнителни испитувања, додека другите граѓани поминале без знаци за понатамошен третман“,
рече тој.
Министерот упати апел до сите граѓани што имаат тегоби, како кашлица, главоболки, отежнато дишење, уште вечерва да се пријават за скрининг.
Скринингот, како што додаде, ќе продолжи и утре во периодот од 10 до 16 часот и додаде оти очекува одзивот да биде како и денешниот.
„Јас сум многу задоволен од денешниот одзив на граѓаните и ценам дека така ќе биде утре. Ако оцениме дека има потреба, ќе продолжиме уште два дена со скрининзите. Целта е да ги прегледаме сите тие граѓани коишто мислат дека треба да поминат низ тој скрининг, ако имаат здравствени проблеми како кашлица, главоболки, тешкотии во дишењето. Тие граѓани би ги замолил уште вечерва да се пријават на тој скрининг бидејќи е добро да ги детектираме ако има потреба порано здравствените проблеми за да можеме да ги третираме“,
рече Алиу.
Прашан дали се планира прегледи да се вршат на подолг рок, бидејќи многумина експерти сугерираа дека можеби е потребно после подолг временски период граѓаните да бидат прегледани затоа што дел од тие тешки метали и штетни материи во воздухот можат да дадат некаква лоша клиничка слика многу подоцна, министерот за здравство рече дека според протоколот што е дефиниран скрининг треба да се направи уште двапати, по три и по шест месеци, за да се види ефектот од загадувањето по пожарот.

Според завчерашниот извештај за квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), концентрациите на ПМ 10 честички во Трубарево се во рамките на дозволените граници и не ја надминуваат 24-часовната гранична вредност пропишана за заштита на човековото здравје.
По пожарот што на 13 септември се случи во фабриката „Ф-групација“, каде што гореше електричен и електронски отпад, ресорното Министерство постојано врши мерења на квалитетот на воздухот во Трубарево.
Црниот чад што се дигна од пожарот неколку часа можеше да се види речиси од цело Скопје.
Така, примероците земени од воздухот во Трубарево на 13 и на 14 септември покажаа дека честичките ПМ 10 биле покачени речиси за двојно, односно биле измерени 92,65 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 50.
Концентрацијата на олово била 0,75 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 0,5. Арсен имало 8,9 нанограми на кубен метар, а дозволено е 6.
Најголемо зголемување имало кај кадмиумот, чии концентрации биле над десет пати повеќе од дозволеното. Измерени биле 59,1 нанограми на кубен метар, а дозволената граница е 5.