Првоосомничениот во случајот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – генерален директор на „Државна лотарија”. Второосомничениот во случајот, пак, презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Владата одржана во својство на собрание на АД „Државна лотарија“. За двајцата постои сомнение дека сториле кривично дело проневера во службата, додека за преостанатите четворица е поведена постапка за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе истрага против шест лица во врска со случајот со „Државна лотарија“. За двајца од нив, како што соопшти Обвинителството, постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело проневера во службата, додека за преостанатите четворица е поведена постапка за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Врз основа на кривични пријави од МВР и УЈП, по судска наредба, од утринава полицијата извршила претреси на девет локации во Скопје и во Кумановско.
„Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа ‘Државна лотарија’ на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501 319 119 денари од буџетот на акционерското друштво“,
наведува ОЈО Скопје во соопштението.
Првоосомничениот во случајот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – генерален директор на „Државна лотарија”. Второосомничениот во случајот, пак, презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Владата одржана во својство на собрание на АД „Државна лотарија“.
„Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови“,
наведуваат од Обвинителството.
Во тек се распити на дел од осомничените, а од Обвинителството најавуваат повеќе детали за сторените кривични дела и предложените мерки за осомничените во текот на денот.