Една од уникатните можности на возилото е неговата флексибилност во должината на цревата. Само едниот котур има должина од 60 метри, а со приклучување на уште 60 метри од спротивната страна се добиваат вкупно 120 метри. Овој „балкански рис“, како што го нарекуваат, е способен да интервенира во првите 30 секунди од пристигнувањето на местото на пожарот
Се очекува дронот да биде целосно оперативен во Бригадата за не повеќе од две недели. Неговата главна предност е брзата интервенција, способна да реагира за помалку од 20 секунди

Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје денеска го претстави своето најново современо и уникатно возило за гаснење пожари, комплетно развиено во Македонија, како и дрон наменет за брза интервенција при пожари. На настанот беа промовирани и новата генерација пожарникари кои ќе се приклучат на тимот.
Координаторот на проектот, Влатко Николовски, на презентацијата на проектот „Гасење на пожари со употреба на современи техники“ ги претстави новото возило и дронот.
„Ако продолжевме да се жалиме, ќе останевме без возила, без центри и без можност за некои од вас да го најдат своето место во делот на развој на дронови и заштита од пожари. Денеска ќе го претставиме првото целосно развиено македонско возило кое е уникатно и универзално, направено благодарение на 30-годишното знаење на командниот тим на Скопската бригада, благодарение на командантот и неговиот тим“,
рече Николовски.
Тој рече дека целиот развој е финансиран независно, без никаква поддршка од владини или невладини фондации.
„Прво да си докажеме дека Македонија може да развива мобилно и моќно возило. По него многу брзо следува многу поголемо возило за шумски пожари, кое е полесно за производство. Во исто време, успеавме први во Европа и Америка да развиеме дрон кој гаси пожари и кој многу пати досега покажал феноменални резултати“,
додаде тој.
Новото возило, рече Николовски, е економично и едноставно за одржување.
„Возилото е направено максимално едноставно, воопшто не е зафатена подлогата под моторот, едноставно е за одржување, економично и ова возило во наша продукција чини не повеќе од 45 проценти од кое било друго увозно возило“,
објасни Николовски.
Тој нагласи дека ова е првото возило од ваков тип и дека секое наредно ќе биде уште подобро, отворајќи пат за самостоен развој на противпожарна техника во Македонија.
Една од уникатните можности на возилото е неговата флексибилност во должината на цревата. Само едниот котур има должина од 60 метри, а со приклучување на уште 60 метри од спротивната страна се добиваат вкупно 120 метри. Овој „балкански рис“, како што го нарекуваат, е способен да интервенира во првите 30 секунди од пристигнувањето на местото на пожарот. Возилото е веднаш подготвено за употреба.

Во однос на дронот, Николовски истакна дека Македонија е единствена земја што поседува ваков дрон за гаснење пожари. Иако веќе учествувал во тестови со докажана ефективност, во моментов се дефинираат безбедносните протоколи. Се очекува дронот да биде целосно оперативен во Бригадата за не повеќе од две недели. Неговата главна предност е брзата интервенција, способна да реагира за помалку од 20 секунди.

Командантот на противпожарната бригада, Ѕвонко Томевски, им посака добредојде на новите пожарникари кои ги поминале сите тестови и сега се дел од единицата, изразувајќи нетрпение за нивното вклучување во работните активности.
Во однос на Оперативниот план на Владата за вработување пожарникари во летниот период, командантот Томевски рече дека немаат информации, но изрази надеж дека новиот кадар ќе биде од корист при интервенциите.
Моментално, единицата брои 203 вработени, додека по систематизацијата во рамки на новиот попис се предвидени 404 вработени.