Предметот, како што посочуваат од Основниот кривичен суд Скопје, ќе биде доставен до Основниот суд Струга со оглед на тоа што надлежноста да постапува е на судот на чие подрачје е извршено кривичното дело
Основниот кривичен суд Скопје се прогласи за ненадлежен да постапува по однос на обвинителниот предлог кој Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го поднесе против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за злоупотреба на службената положба и овластување.

Предметот, како што посочуваат од скопскиот суд, ќе биде доставен до Основниот суд Струга со оглед на тоа што надлежноста да постапува е на судот на чие подрачје е извршено кривичното дело.
Обвинението против Мерко се однесува на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 4 во врска став 1 од Кривичниот законик. Во врска со ова, од скопскиот кривичен суд велат:
„Согласно член 32 од Законот за судови, Специјализираното одделение (КОК) при Основниот кривичен суд Скопје е надлежно за кривичните дела: Злоупотреба на службена положба од чл. 353 ст.5, Примање поткуп од значителна вредност од чл. 357 и Противзаконито посредување од чл. 359 од КЗ, извршени од избран или именуван функционер, службено лице или одговорно лице во правно лице“.
Во оваа насока додаваат дека Основниот кривичен суд Скопје не е надлежен за постапување по однос на кривични дела од членот 353 став 4 во врска со став 1 од КЗ, туку за делото пропишано во став 5 од овој член.
„Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје“,
додаваат од скопскиот кривиечн суд.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) деновиве објави дека по подолга истрага поднело обвинение против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, за набавката на луксузниот автомобил „ауди“ на трошок на Општината, а по иницијатива на Антикорупциската комисија.
Обвинението против Мерко се однесува на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 4 во врска став 1 од КЗ според кој е предвидена затворска казна од една до пет години.