Најпрометна меѓународна дестинација кон која се насочени авиооператорите од регионот е аеродромот во Истанбул со 473 568 патници

Аеродромите во Скопје и во Белград се очекува оваа зимска сезона да го забележат најсилниот раст во регионот, со планирано зголемување од над половина милион патници, што е резултат на значителното проширување на авиолиниите на „Визер“.
Според објавениот зимски ред на летање, кој трае до 28 март, меѓународниот аеродром „Скопје“ планира да опслужи околу 548 илјади патници повеќе во споредба со ланската сезона, додека белградскиот аеродром предвидува раст од 518 илјади патници.
Специјализираниот портал „екс-ју авиејшн“ (Ex-Yu aviation) објави дека речиси сите аеродроми во регионот на поранешна Југославија го зголемуваат својот расположлив капацитет.
Загреб се позиционира на третото место со раст од 176 илјади патници, Сараево очекува зголемување од 113 илјади патници, а и аеродромите во Тузла, Љубљана и Ниш исто така пријавуваат значителен раст.
Охридскиот аеродром очекува зголемување на бројот на патници за 24 илјади.
Севкупно, пазарите во поранешна Југославија оваа зимска сезона нудат 13 165 258 седишта на редовни летови.
Најпрометната меѓународна дестинација кон која се насочени авиооператорите од регионот е аеродромот во Истанбул со 473 568 патници, по што следуваат Цирих со 414 502 и аеродромот во Истанбул „Сабиха Гокчен“ со 342 704. За оваа зимска сезона, од аеродромите во поранешна Југославија се закажани вкупно 26 нови рути.
