Меѓународниот аеродром – Скопје од вечерва на полноќ ќе биде целосно затворен за патници со цел да се намали бројот на патници за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Одлуката за затворање на аеродромот беше донесена на владина седница на 16 март 2020 година како една од одлуките за спречување на внесување и ширење на коронавирусот.
Во претстојниот период на Меѓународниот Аеродром Скопје нема да има патнички летови, освен државни, воени, хуманитарни, медицински, санитарни и карго летови.
„За сите евентуални натамошни промени во работењето на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“-Охрид, кој беше затворен во неделата, ќе ги информираме патниците и јавноста, согласно информациите и одлуките на Владата штом ќе ги добиеме“,
велат од „ТАВ Македонија“.
За македонски државјани се затворени сите гранични премини за излез од државата. Затворени се сите гранични премини за влез во државата за странски државјани, патници и возила, освен за транзит на товарни возила, за претставници на дипломатскиот кор и тие што ќе добијат соодветна дозвола од страна на МВР, а по претходно добиено мислење од страна на главниот координативен штаб.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.